Правната служба во Министерството за здравство ја разгледува можноста дали може да се влијае на приватните лаборатории-сите да имаат унифицирани цени за тестовите за Ковид, но ние можеме да влијаеме само на услугите преку ФЗО, вели министерот Филипче. Во државата не постои механизам, ниту некакво тело кој ќе ги регулира овие работи во време на пандемија, кога граѓаните мора да бидат заштитени, туку пазарот ја одредува цената

Правната служба во Министерството за здравство ја разгледува можноста дали може да се влијае на приватните лаборатории-сите да имаат унифицирани цени за тестовите за Ковид. Вака одговори министерот Филипче на прашањето на НОВА, дали постои механизам, ресорното министертво да влијае врз лабораториите кои се на листата за да парават тестирања, со оглед на тоа што јавното здравство немало доволно капацитети. Дали тие што се противат може да бидат отстранети од листата на Министерството за здравство.

„Ние можеме да влијаеме само на тестовите за Ковид кои се преку ФЗО. Разговарав со правниците за оваа можноста и тие се уште работат на тоа. Не е во директна надлежност на министерството, но ќе видиме што ќе кажат правниците“, изјави министерот Филипче.

доц.д-р.Венко Филипче, министер за здравство

Од друга страна пак, како што неофицијално дознаваме приватните лаборатории не можат да се договорат за единствена  цена на тестовите. Од болницата „Аџибадем Систина“ велат дека се согласуваат дека е добро сите да имаат унифицирана цена на тестовите за Ковид.

„Клиничката болница Аџибадем Систина се согласува дека е добра идејата за унифицирана цена на тестовите и ние бевме првите кои се обидовме со другите лабаратории да ја реализираме таа идеја. За жал засега таков договор нема“, велат за НОВА од Аџибадем Систина.

Ние како Клиничка болница „Аџибадем Систина“ гледаме сите услуги да ги направиме што подостапни на нашите пациенти. Воведовме нова организациона шема која е адаптирана да служи за поголем број пациенти и за што е можен пократок период, а за оние  кои не се во можност да дојдат во нашата лабораторија воведовме можност за тестирање од дома на територија на град  Скопје, велат до болницата.

Сепак, нивните услуги за тестови се едни од најскапите, ако не и најскапи од сите приватни лаборатории.

Ова е брз тест за Ковид направен во Аџибадем Систина за операција која било неопходно да се направи утредента.

Скопјанката Нада Спасиќ раскажува дека кога стигнала на шалтерот веќе било 15 часот, а нејзиниот сопруг кој бил во количка се превиткувал од болки.

 „Службеничката погледна на саатот и ми рече: „Сега е 15.10 часот. Овде во Систина до 15.00 часот тестот за КОВИД чини 6.000,00 денари, а по 15.00 часот е 12.000,00 денари“.

Искрено, ми се сврте во главата од сумата, а и од жешкото, па и од сè поминато тој ден. По што таа ми рече: „Ако сакате, ако не, не морате!“.

Немав каде, платив“, вели Нада Спасиќ.

Од болницата Аџибадем Систина ова го правдаат со фактот што за итните ПСР тестови кои се изработуваат за два часа, најчесто пред операција трошокот е поголем бидејќи се става само еден тест во машината за изработка. За тестовите кои се работат за ден или два цените се поинакви.

„ПСР молекуларниот тест е 3950 денари доколку резултатот биде издаден за 24 часа или 6000 денари доколку резултатот биде издаден истиот ден. Цената се формира согласно со трошоците на фирмата, амортизацијата на опремата, платите на персоналот, медицинските трошоци Врзани со тестовите се и други трошоци направени за заштита од Ковид како и потребното време за лабораториска обработка“, велат од болницата Аџибадем Систина.

За разлика од „Аџибадем Систина“, итен, односно брз тест во лабораторијата „Лаор“ од Тетово чини 7000 денари, а ПСР тестовите кои се изработуваат за 24 часа се нешто малку поевтини од Аџибадем Систина.

За разлика од овие две лаборатории, во Жан Митрев клиника, каде од почеток на пандемијата имаат направено над 20 000 тестови велат дека немаат итни(брзи) тестови за Ковид, а обичен ПСР чини 3950 денари. Во Авицена,  молекуларен ПСР тест чини 3000 денари, а заедно со имунолошкиот за антитела изнесува 4000 денари.

Во лабораријата „Лаор“ велат дека користат квалитени тестови од ЕУ, а ги купуваат од домашен добавувач.

„Нашите тестови имаат 10 до 20 проценти повисоки цени од набавните и секој тест што е сомнителен го праќаме на повторна проверка во ИЈЗ“, велат од оваа лабораторија.

Од Аџибадем Систина пак, одговорија дека потеклото на тестовите е деловна тајна.

„Аџибадем Систина“ при секоја набавка на лекови и медицински средства се води по претходно утврдени  и строго претпазливи регулативи и гарантира за нивниот квалитет, меѓутоа нивното потекло е деловна тајна. Исто како и сите други лекови и медицински средства кои ги набавува и користи нашата болница, и тестовите за детекција на SARS-CoV-2 вирусот се регистрирани и претходно одобрени од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се тестови кои се користат во повеќето земји низ целиот свет“, велат од болницата.

Приватните лаботратории изработуваат 40 проценти од сите тестови во државата и сето тоа влегува во дневните извештаи на Министерството за здравство. На терен постои хаос и шаренило од различни цени, најчесто “напумпани“ и неколку пати повисоки од набавните.

Граѓаните кои патуваат, пациентите кои мора да се оперираат, тие што не ги прифаќа алгоритамот преку Мој термин,  а такви се најголем дел, сите тие плаќаат од свој џеп за скапите тестови. Државата очигледно, не е заинтересирана да стави ред и ваквите новинарски прашања, избледуваат, повторувани и упатувани повеќе пати во ресорното министерство. Не постои механизам, ниту некакво тело кој ќе ги регулира овие работи во време на пандемија, кога граѓаните мора да бидат заштитени, туку пазарот ја одредува цената.

Како и да е, очигледно е дека пандемијата со Ковид донесе брз профит на приватните лаборатории кои, за воља на вистината во последно време почнаа сериозно да си конкурираат меѓу себе со цените. Можеби тоа ќе биде и пресудно во наредниот период за намалување на цените на тестовите за Ковид и нивна поголема достапност до граѓаните, особено што на есен се најавува нов бран на коронавирус побрз и  посилен од претходниот.