Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање посочи дека меѓународната позиција на државата е загрижувачка, а власта со своите политики ја води земјата кон изолација. Филипче укажа дека изостануваат конкретни резултати на надворешен план.
Гледаме дека премиерот не можеше да обезбеди ниту еден состанок со ниту еден европски претставник на Форумот во Давос. Целосно маргинализиран, правеше селфија по ходниците, немаше ниту еден битен состанок, рече Филипче.
Дека власта ја носи државата во изолација, покажуваат и односите со клучните стартешки партнери, особено со Соединетите Американски Држави, каде што, како што посочи Филипче, изостануваат конкретни резултати и поддршка.
Соединетите Американски Држави, многу децении наназад се наш стратешки партнер. Ако владата се фалеше дека е во периметарот и така натаму, видовме дека немаме никаков бенефит. Суштината е дека сме изолирани. Гледајте како Соединетите Американски Држави не ставаат по страна. Оваа влада нема покана за „Одборот за мир“, претседателот Трамп и новата администрација имаат други земји во регионот. Тоа е само доказ дека владата намерно ја води земјава во изолација, носејќи сомнителен капитал, соработувајќи со авторитарни режими во регионот, гушејќи ја демократијата и слободата на говор и тоа едноставно не води никаде, изјави Филипче.
Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не го исполни ниту ветувањете во однос на подобрување на преговарачката рамка со ЕУ, што е уште еден доказ дека спорведува смислено сцанерио за изолација на државата.
Со националистичка реторика, со лажна пропаганда дека сите се предавници на националните интереси, ветуваа подобра преговарачка позиција со Европската Унија. Што направија? Ја изолираа земјата. Сега гледаме дека не може ниту телефонски да ја добие претседателката на Европската Комисија. Тие луѓе знаат дека оваа власт пред неколку години со вувузели свиреше и ја исвиркуваше претседателката Фон дер Лејен. И треба на граѓаните да им е јасно, дека сето ова е смислено намерно за да се изолира земјата, нагласи Филипче.




