Откако ги обелоденивме новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести, интересот за прва доза вакцина против ковид-19 е зголемен. Од 2.500 заинтересирани граѓани за прва доза неделно, оваа недела бројката се искачи на 7.500, вели минстерот за здравство, Венко Филипче во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. 

Новите мерки предвидуваат задолжителна вакцинација на здравствените работници, а за целиот јавен сектор најмалку една доза вакцина, еднаш неделно да прават ПЦР-тест или да прележале ковид.

Овие предложени мерки в понеделник ќе се разгледуват на Главниот координативен кризен штаб, а идниот ден би се нашле на седница на Владата, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Најавените мерки според синдикалните организации се противуставни, а тие тоа нив ги оценија како обид за присилно спроведување вакцинација. Но, вака не смета Филипче, кој вели дека останува опцијата за ПЦР-тест, а со самото тоа никој не присилува никого да се вакцинира. Сепак, отстапување од мерките нема, бидејќи болниците се преполни главно со невакцинирани пациенти, вели Филипче. Но, останува нејасно како ќе се контролира кој е вакциниран, кој тестиран, а кој прележан од ковид-19.

– Треба да разговараме, да видиме кои ќе бидат одговорните лица. Ние ги нудиме сите електронски алатки. Да се симне сертификатот и да се провери кодот. Не е точно дека ова е присилна вакцинација. Апсолутно, имаат право граѓаните да не се вакцинираат и, притоа, еднаш неделно да прават тест на сопствен трошок и да докажат дека се негативни на ковид и тогаш знаеме дека здравјето на сите околу не е загрозено, рече Филипче во емисијата „360 степени“.