Се мобилизираат здравствените работници од цела држава, се пребројуваат болничките кревети, со помош се вклучуваат и приватните болници за да се амортизира напливот на пациенти заболени од Ковид-19, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Пуштена е во употреба мобилната болница, каде што веќе има тројца пациенти, а од вчера на Инфективната клиника во Скопје и Градската општа болница „8 Септември“  се ангажирани дополнителни 54 доктори и медицински сестри како помош на персоналот кој речиси четири месеци се бори со пандемијата. Најголем наплив на пациенти има токму во овие два болнички капацитети, на Инфективната клиника и ГОБ „8 Септември“.

Направен е план за ротации на медицинскиот кадар низ земјава и доколку е неопходно на помош ќе бидат ангажирани и здравствени работници од приватните болници, а по потреба и тие клиники ќе лекуваат пациенти со Ковид-19, тие што се затекнале таму заради друга природа на болеста, а се позитивни, но и други доколку за тоа има потреба. Од приватните болници на располагање ќе бидат ставени „Жан Митрев“ клиника, болницата „Аџибадем Систина“ и Ремедика“.

„Во моментов капацитетите на клиниките се различно пополнети. Исплнетоста на капациетите е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од засилување. Во однос на реорганизацијата разговарав со приватните клиники кои го понудија и својот персонал како поддршка и ќе направиме распоред и по потреба и  тој кадар ќе биде на помош во јавно здравствените установи. Доколку се преполнат нашите капацитети, ќе се користат и болничките кревети во приватните болници. Дел од приватните болници имаат патеки и делови за изолација во коишто може да се третираат овие пациенти за таа услуга за којашто биле примени за да се ослободи притисокот од болницата ‘8 Септември’“, изјави министерот Филипче.

Посочи дека со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно здравствените установи, пред се специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.

“Засега нема потреба, сосема доволен е овој број што се пријавени на список и според принцип на приоритет ќе бидат распоредени во јавно здравствените установи. Доколку се наметне потреба да се преполнат нашите капацитети во јавно здравствените установи, да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради Ковид 19 вирусот, додаде Филипче.

Тој потенцира дека монтажната болница има на располагање има 72 кревети, а е опремена и со сите потребни апарати, како и за кислородна поддршка и со лекарски тим.

Во болницата „8 Септември“ има уште близу 250 слободни кревети, но проблем е персоналот, кој е преморен. Со дополнителна помош ќе може да се стават во функција и другите одделенија.

Во болницата во Битола не недостасува кадар и има уште 20 слободни кревети, а доколку има потреба  капацитетот може да се зголеми.

Во болницата во Кавадарци во која засега нема сместено пациенти со коронавирус, на располагање има 16 кревети.

Во болницата во Тетово во моментот има 8 пациенти со Ковид-19, а со оглед на големиот број позитивни пациенти во овој регион, направен е план да се обезбедат до 100 кревети.

Речиси исполнет е и капацитетот во Охрид, каде што има уште пет слободни места, а во договор со битолската болница треба да се менаџираат пациентите кои доаѓаат од регионот.

Вкупно во болниците во државата во моментот има 330 хоспитализирани пациенти, но тој број се зголемува на дневна основа.

Министерот уверува дека засега здравствениот систем добро се справува  со овој силен бран на вирусот и дека нема да има недостаток на кадар. Реорганизацијата на здравствените работници и пациентите ќе се прави на дневна основа.

Најголем број на заболени има во Скопје, а Чаир е жариште со околу 300 заболени. Тој нагласи дека многу важно да се идетификуваат контактите кои многумина ги кријат, така што второто колено на заболени и контакти, тешко се лоцира.

„Огромен број од заболените се од преходниот период на прослави и семејни собирања. Околку 30 до 35 проценти не се од овие собирања, но таму јасен е контактот со изворот. Правиме анализа, наидуваме на сериозни проблеми кога се даваат погрешни адреси и така се губи контактот со второто колено“, изјави Филипче.

Министерот Филипче рече дека во следните седум дена се очекува бројот на примени пациенти да биде поголем од бројот на оздравени и отпуштени од болниците.

„Многу е важно состојбата да се држи под контрола и на дневна основа се прават планови, по потреба прераспределба и на пациентите кои се сместени и секако на кадарот. Деновиве сум во интензивен контакт со сите директори на болниците. На дневна основа се прават овие проценки, организација, реорганизација“, рече Филипче.

Тој посочи дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран и верува дека успешно ќе одговорат и на овој голем предизвик. Според него, ова е најголемата здравствена криза во нашата земја досега.

“Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план што веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството, за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап кон здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза, изјави Филипче.

Анализирани се причините зошто дојде до ова зголемување, анализирани се мерките кои и кога се воведени во нашата земја, консултирана е и СЗО, рече министерот Филипче и потенцира дека нема мерка што не е спроведено или нешто што е пропуштено или направено во погрешен тајминг.

„Тоа што беше невообичаено и се трудевме да го анализираме беше како кај нас се случува, а не во околните земји за еден пораст на бројот на новодијагностицирани пациенти, посебно имајќи ги предвид сличните карактеристики во сите земји во регионот, истите идентични воведени мерки во идентичен тајмин. Бевме прилично сигурно дека рано и на време сме интервенирале во идентификација на контактите и тестирање на контактите на заболените со најголем ризик, со цел да имаме чиста слика во овој момент на епидемиолошката состојба, за да не не изненади голем наплив на пациенти во одреден момент што сега го имаме и број не надминува 20 проценти од вкупниот број на новодијагностицирани“, појасни Филипче.

Во таа смисла, најави, интензивно анкетирање на терен, идентификацијата на контактите, нивно тестирање по индикација, може да предвидеме што ќе се случи.

Според  Филипче, веќе истиот тренд се јавува и во регионот, го има насекаде во сите околни земји веќе со сериозен број новодијагностицирани, што, потенцира, ни укажа на тоа дека навреме сме интервенирале и оти со оваа стратегија треба да продолжиме.