Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во црквите не би требало да има собирање на луѓе во групи повеќе од двајца, прашан од новинарката на НОВА за тоа како ги коментира реакциите во јавноста за тоа дека во црквите се дозволени собири.
“Повеќе пати упативме апел. Има мерки кои важат за масовните собирања и ако се почитуваат во црквите нема да има собирање на луѓе во групи повеќе од двајца. Ако овие мерки се почитуваат и ако нема повици за одење во црквите не би требало да има проблем. Секој треба да си превземе одговрност. Ние како влада сите мерки кои ги превземавме се однесуваат и на сите објетки и ако тие се почитуваат нема да има собири во црквите. Целта на нашите мерки беше токму да се спречат масовните собирања” изјави министерот Венко Филипче на прашање на новинарката Менче Точи од редакцијата на НОВА.
Информацијата од МПЦ дека црквите ќе останат отворени за причест на верниците ја возмемири јавноста која во ваквата одлука препозна висок ризик од ширење на вирусот.
Лавина реакции предизвика изјавата на техничкиот премиер Оливер Спасовски кој рече дека владата не може да ги затвори верските храмови низ земјава поради пандемијата на коронавирусот, зашто слободата на вероисповест е неприкосновена.
Граѓаните реагираат дека и правото на слободно движење и на образование е неприкосновено, па државата го ограничува за да спречи ширење на болеста. Други, пак, иронично велат дека кафеаните треба да се регистрираат како цркви и да отворат за „верници“.




