Рокот за ревакцина со втората доза на „АстраЗенека“ од 12 недели сега се крати на шест, информира министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска беше во посета на поликлиниката во „Шуто Оризари“, каде денеска започна вакцинација без закажен термин.
Тој додаде дека ваквата одлука, која стапува веднаш, е донесена во согласност со Комитетот за имунизација, а инаку нема никакви промени во однос на препораката за старосната граница – таа останува да се аплицира на возрасните лица над 60 години.
-Во упатството има една флексибилност, односно ревакцината да биде во период од четири до 12 недели. Ние бевме многу внимателни чекајќи ги буквално сите публикации и искуства на другите земји во однос на првичните регистрирани несакани ефекти. Како времето одминува, како гледаме дека тој ризик е навистина минимален, се одлучивме ревакцината да не биде на минимумот даден во упатството, туку да биде шестата недела, изјави Филипче.