Во земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала на југот на Филипините загинаа најмалку 6 лица, a стотина се повредени.
Покрај големиот потрес, во градот Суригао на островот Минданао имало 87 афтершокови. Исплашени, луѓето ја минале ноќта на отворено. Илјадници жители на градот, поради страв од можно цунами, побегнале во повисоки региони.
„Моето семејство и јас веќе бевме заспани кога околу 22 часот почна сѐ да се тресе. Беше навистина силен потрес,“ вели Мануел Сервантес.
Во провинцијата Суригао дел Норте дојде до прекини на електричната мрежа. Повеќе објекти, меѓу кои и два моста, се урнати.
Суригао дел Норте се наоѓа на 730 километри јужно од главниот град Манила. При последниот голем земјотрес на Филипини, во октомври 2013 година, загинаа повеќе од 220 лица.