Земјиштето во близината на „Веро-центарот“ кое во четвртокот беше продадено за само 71 денар по метар квардратен го купила албанската компанија „Амадеус стоун“, истата компанија која треба да ги гради Шпанските скали, објави весникот Нова Македонија.
Како што пишува весникот, во Централниот регистар на Македонија стои дека „Амадеус груп“ се јавува како фирма сопственик на „Амадеус стоун“, фирмата која сега ја поседува парцелата со површина од 2.855 метри квадратни во близина на „Веро центар“.
Ова е трета парцела во центарот на Скопје која ја купува оваа компанија. Според весникот, компанијата во 2011 година на јавно наддавање купува земјиште за изградба на старински хотел под Кале, а во октомври 2013 година под фирмата регистрирана како „Амадеус девелопмент“ ја откупи парцелата на плоштад со површина од 1.046 метри квадратни.
На јавното наддавање беше постигната цена од 93.100 денари за метар квадратен.
Парцелата во Маџир Маало кај Веро Центар е продадена за само 3.296 евра. Маркичката предвидува изградба на седумкатен објект во барокен стил, со хотелиерска намена. Ниската цена при продажбата од Министерството за транспорт и врски ја правдаат со Уредбата од 2010 година со која државното земјиште преку кое ќе се привлекуваат странски инвестиции и развој на туризмот треба да се продава за почетна цена од едно евро за квадрат.




