Формирана е дисциплинска комисија за да ги истражи деталите за вчерашното повикување на новинарката, Соња Делевска од порталот СДК на информативен разговор во полиција по поплака на раководителка на одделение во Министерството за правда, истакна министерот Никола Тупанчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Не седиме со скрстени раце и формиравме дисциплинката комисија ќе ги истражи сите детали за случајот. Јавноста ќе биде навремено информирана“, порача Тупанчевски.

Според него, постапка е покрената и во Министерството за внатрешни работи (МВР) за утврдување на околностите под кои новинарката Делевска била повикана во полиција.

Сефер Селими од „Democracy Lab“ смета дека најмалку што треба да се случи е вклучување и на јавното обвинителство во целиот случај за истражување на наводите за корупција.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања изјави дека се надева дека барем од Министерството за правда ќе има јасна разрешница со цел да се докаже дека никој не смее да ја загрози слободата на говор.

На новинарката Делевска во саботата на домашна адреса ѝ била доставена покана од полиција да се јави на разговор во полициската станица „Беко“, врз основа на добиена поплака од раководителка на Министерството за правда за напишан текст од страна на Делевска.