Во посета на македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител”, попознато како Бигорски манастир денеска беше и американската амбасадорка Кејт Мери Брнз.

На средбата со Игуменот, Епископот Партениј, таа ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија да го признае канонскиот статус на МПЦ-ОА.

Амбасадорката на САД се запознала со манастирскиот живот во Бигорски, посетувајќи ја и библиотеката.

„На срдечната средба во работната одаја на Старецот, тој и амбасадорката разговараа за манастирскиот живот и за севкупната евангелска и социјална мисија на Братството. Притоа, високата претставничка на САД искрено честиташе и го поздрави актот од 9 мај на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, предводен од Неговата Сесветост, Патријархот г. г. Вартоломеј, според кој нашата Црква е примена во евхаристиско и канонско единство со сиот православен свет. По разговорот со Старецот, г-ѓа Кејт Мери Брнз и нејзината придружба имаа можност да ги разгледаат содржините на манастирот, имајќи го за свој водич нашиот собрат, Архимандритот Доситеј“, стои во објавата на Бигорски.