Метеж и редица од избирачи е сликата од гласачкото место 2653 во основното училиште „Аврам Писевски“ во Бардовци. Граѓаните чекаат и по најмалку дваесет минути за да го остварат своето право на глас, но најголемиот дел се истрајни во намерата.

Од избирачкиот одбор информираат дека забавувањето на процесот не се должи на евентуален проблем со апаратите за отпечаток од прст, туку дека едноставно повеќето граѓани решиле токму во овој период од денот да излезат на гласачките места. Освен подолго од очекуваното време што го поминуваат на самото место, во училиштето „Аврам Писевски“ гласањето се одвива непречено, а единствено застој предизвикуваат избирачи на кои им треба повеќе време да го пронајдат редниот број на кандидатот што сакаат да го поддржат, на еден од четирите листови за кандидат за градоначалник на општината и Град Скопје и соодветно двете листи за советници.