Новата фракција во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе делува во насока на демократизација и реорганизација на партијата, процес кој треба да почне со оставка на лидерот Христијан Мицкоски. За Мицкоски иницијативата не заслужува коментар, а ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, е се посилно, пообединето, посплотено.

Членот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, кој вчера на прес-конференција пред партиското седиште го најави почетокот на работата на фракцијата, истакна дека Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавно и отворено го повикуваме Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција“, рече Андонов на вчерашната прес-конференција.

Основната политичка цел на фракцијата, покрај оставката на Мицкоски, е повик до членството за обединување и за организација на избори за нов претседател на партијата. Според Андонов, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство. Со пратениците вели, не разговарал, поради општата политичка состојба во која тие се наоѓаат.

„Кога велиме потрошен, мислиме политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија. Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени“, рече Андонов.

Тој нагласи дека не станува збор за паралелна структура, туку дека ќе делуваат внатре во партијата како фракција со единствена цел – демократизација и ревитализација на партијата, чиј прв чекор е оставка на Мицкоски.

Прашан за тоа од колку членови на партијата имаат поддршка, Андонов рече дека нема да лицитира со бројки и оти се отворени за сите членови на партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, пак, изјави дека од неговиот избор за прв човек на опозициската партија се бара негово менување, а партијата, вели, станува се посилна и пообединета. Тој не сакаше да го коментира барањето на Андонов и други членови на партијата, за негова смена.

„Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е се посилно, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во Парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за барањето од Андонов за негова смен и фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Иницијатива за промена на Мицкоски од лидерската позиција пред две години побараа повеќе истакнати актуелни и поранешни функционери, градоначалници и пратеници, меѓу кои и Ивица Конески, Никола Тодоров, Митко Јанчев и Сашо Мијалков, но ваквата иницијатива позната и како „Мериот коалиција“ згасна.

Мицкоски веќе петта година ја предводи опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Беше избран за претседател на партијата во 2017 година, а на лидерската позиција е реизбран во 2021 година. Мандатот на претседателот на партијата согласно партискиот Статут е четири години, а се избира од страна на Конгресот на партијата.