Поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски возврати на обвинувањата на професорот Љубомир Фрчкоски дека „мешетарел во СДСМ“ и дека работи на тоа да се смени Венко Филипче. Пендаровски го обвини Фрчкоски за „кафеанско озборување“.
Во врска со изјавата на Љубомир Фрчковски дадена во емисијата „Во Центар”, во која во негативен контекст го споменува моето име, сакам да го дадам следново појаснување: Изјавата е проблематична минимум на две нивоа: македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум “мешетарел” како многу други во чии кариери нема ништо друго освен задкулисни маневри и кафеанско озборување. Меѓутоа, многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради „квалитетот” на изворите со кои се дружат, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Фрчковски ги кажа овие работи синоќа во емисијата „Во Центар“ на Васко Ефтов, под наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче?“. Иако нагласи дека нема да зборува за имиња, Фрчкоски сепак директно го спомна Пендаровски.
Ме чуди тоа што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без везе… рече Фрчкоски.
Инаку, во кулоарите веќе подолго време се шпекулира дека Стево Пендаровски води некаква иницијатива за реформи во СДСМ и во опозицискиот блок, но до овој момент за тоа никој не проговорил јавно. За тоа кои лоби групи сакаат да го сменат Филипче, без да спомнува имиња, Фрчкоски спомна и „еден пратеник и еден поранешен градоначалник кој се занесува, не знам дали вмровциве го фатиле со кривични пријави, па сега го држат…“.
Водителот Ефтов прецизираше дека станува збор за Оливер Спасовски и за Петре Шилегов, а Фрчкоски не го негираше тоа, но не пропушти да нагласи дека Венко Филипче заслужува поддршка.

