Македонија во изминатата година забележа напредок во политичките права и граѓанските слободи, но и натаму останува во групата на делумно слободни земји, покажува најновиот извештај американската невладина организација „Фридом хаус“ за слободата во светот во 2020 година.
Во него се наведува дека Македонија е на 97 место од 210 држави и има 63 поени од можните сто. Државата е сместена и во делот со најголемите отстапувања во 2019 година во однос на претходниот извештај за 2018 година. Од лани има добиено плус четири поени. Ова зголемување е најголемо во Европа и е четврто најдобро во споредба со сите светски држави. Единствено африканските држави Судан, Етиопија и Мадагаскар имаат поголеми позитивни промени од 5 рејтинг поени.
„Северна Македонија одржа компетитивни претседателски избори, помагајќи да се поправи антидемократското наследство на поранешниот премиер Никола Груевски“, се наведува во извештајот.
Ако се направи споредба со земјите од регионот Словенија е рангирана највисоко (18 место), а Грција (50), Хрватска (56) и Бугарија (69) се држави со статус „слободни“. Пред Македонија се наоѓаат и Албанија (88 место) и Србија (93), кои се дел од групата „делумно слободни“ држави, додека полоши од земјава во регионот се Црна Гора (103), Косово (113) и Босна и Херцеговина (120 место).
Од 195 држави кои се оценувани во извештајот, 83 се рангирани како слободни, 63 како делумно слободни и 49 како неслободни.
Меѓу најлошо рангирани во делот неслободни се Сирија со нула поени, Еритреја, Јужен Судан, Туркменистан, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Сомалија, Либија, Таџикистан, Иран, Русија.
Максималните сто поени ги имаат добиено три земји- Финска, Норвешка и Шведска. Високо рангирани се и Австралија, Белгија, Канада, Данска, Холандија, Јапонија, Уругвај.




