„Фридом хаус“ денеска објави дека има пад на слободата на медиумите секаде во светот, заедно со политичките права и граѓански слободи.
Во редовниот годишен извештај, објавен денеска, невладината организација констатира дека генерално, има пад на глобалната слобода на медиумите на најниска точка во повеќе од една деценија, со продолжување на нападите врз независните медиуми во авторитарните држави и заканите врз новинарите во традиционално слободните општества.
Најновиот извештај со кој се опфатени 100 земји, констатира дека во 16 држави окарактеризирани како „слободни“ има пад на слободата на медиумите, но загрижувачки според Фридом Хаус е трендот во Европа, каде во четири од пет држави со рејтинг слободни, има пад од 8 проценти.
Северна Македонија е на 59 место (на местото 100 е Шведска – земјата со најголема слобода) и спаѓа во категоријата на делумно слободни медиуми. Поделени во четири групи – од 0 како најлоша најлоша, до 4 како најдобра, нашата земја е во втората група и има регистрирано подобрување на сликата со медиумите од лани.
Но, целосниот извештај е во подготовка.
Од објавеното, во делот на слобода на медиумите, од највисоката оценка 1 до најниската 7, земјава има оценка 3,5. Во делот на политичките права, оценката е 4, а во делот на граѓнските слободи е оценета со 3.
Во претходниот извештај, беше оценета со 3 за слобода на медиумите, додека според политичките права со 4, а според граѓанските слободи со 3,5.
Вучиќ и Орбан како негативни примери
Во најновиот извештај на Фридом хаус „Слободата и печатот“ се оценува дека токму демократски избраните лидери прават експлицитни обиди да ги замолчат критичките медиумски гласови.
Притоа, како примери се наведуваат Владата на Виктор Орбан во Унгарија и администрацијата на Александар Вучиќ во Србија кои, како што се оценува, имаат голем успех во замолчувањето на критичкото новинарство, расчистувајќи го патот за популистичките сили.
Двајцата лидери ја консолидираа сопственоста на медиумите во рацете на нивните пријатели, обезбедувајќи тие да ја поддржуваат владата и да ги игнорираат нејзините противници, се наведува во Извештајот.
Во Унгарија, процесот напредуваше најдалеку и речиси 80 насто од медиумите се во сопственост на владини сојузници.
Во извештајот на Фридом хаус се додава и тоа дека во последниве години, слободата на печатот дојде под невообичаен притисок во Соединетите држави, која важи за водечка демократска сила во светот.
-Иако клучните новински организации остануваат силни и продолжуваат да продуцираат критичко известување за оние што се на власт, континуираното клеветење на претседателот Доналд Трамп сериозно ја влошува тековната ерозија на јавната доверба во главните медиуми, се вели во извештајот.





