Примерите во пракса ја демантираат предрасудата што најчесто ги поврзува со многу пари и малку школо
За фудбалерите кружат еден куп предрасуди. Најчестата ги поврзува финансиите и образование, односно, колку го имаат првото и го немаат второто. Примери во пракса, сепак, откриваат дека и не е баш така.
Еден од најобразованите фудбалери е Сократес, бразилски капитен од мундијалот во 1982 година. Тој е доктор по медицина кој во 1983 година го понесе признанието и за најдобар јужноамерикански фудбалер. По завршување на кариерата работеше по струка на медицинскиот факултет во Рибеирао Прето. Беше колумнист во бројни весници и магазини и покрај спорт пишуваше и за политика и економија.

Во истиот ред спаѓа и поранешниот хрватски селектор и актуелен менаџер на Вест Хем, Славен Билиќ. Предводникот на „чеканите“ има диплома од правниот факултет во Сплит чиј декан во еден период од животот бил неговиот татко.

Високообразовен кадар е Џорџо Кјелини. Дефанзивецот на Јувентус кој не беше со италијанската репрезентација во Скопје е економист по вокација. Дипломира во 2010 година. Чехот Павел Недвед, кој е спортски директор на клубот од Торино и поранешен негов фудбалер, студираше и заврши на математика.
Офанзивниот крилен фудбалер на Интер, Јуто Нагатомо дипломира политички науки во својата земја, а Иниеста од Барселона заврши биологија. Екс играчот на Реал Мадрид, Естебан Гранеро по струка е психолог.

Интересна е определбата за студии и работа на Арјан де Зеув. Холандскиот дефанзивец кој надвор од својата држава настапуваше за англиските клубови Портсмут, Ковентри, Барнсли и Виган во животот продолжи како детектив. Неговиот сонародник и една од голманските легенди, Едвин ван дер Сар заврши економија и работи како шеф на маркетинг во Ајакс.
