Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод, по повод божикните празнувања, во Божикното послание до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква со порака да се почитуваме меѓусебно, за изградување на единство во Црквата Христова, да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите.
Возљубени чеда на Македонската Православна Црква, Сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа. Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усовршување во радоста на Светиот Дух, вели поглаварот г.г. Стефан.
Оттаму, додава тој, Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов.
Синот Божји, Господ Исус Христос, Се даде Себеси за сите да нè направи вечно живи. Затоа свети Иринеј Лионски истакнува дека „Славата Божја е – живиот човек“! А вистински жив човек е оној којшто пребива во љубовта Божја. Според тоа, треба да живееме според поуката на апостолот кој поучува: Љубете се едни со други срдечно, со братска љубов; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Живеејќи така, ќе го стекнеме мирот одозгора и ќе ги почувствуваме во нас плодовите на Царството Божјо, а тоа се: праведност и мир и радост во Светиот Дух. Па, чувајќи го единството на Духот преку врските на мирот, да се трудиме да имаме мир во себе, мир во својот дом, мир со луѓето и мир меѓу народите, знаејќи дека за тој мир копнееле мирољубивите души низ целата историја, подвлекува архиепископот г.г. Стефан.
Со овие пораки, вели меѓу другото Архиепископот г. г.Стефан, ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како во Татковината, така и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: Христос се роди




