Еден месец по отварањето на тендерот за новата фонтана на плочникот на плоштад Македонија, градските власти одлучија да ја повторат постапката наместо да ја закажат очекуваната електронска аукција, јавува ТВ Алфа.
„Град Скопје изврши евалуација на трите пристигнати понуди за плоштадот Македонија и утврди дека се несоодветни или неприфатливи и реши да го поништи јавниот повик. Град Скопје повторно ќе распише јавен повик“, велат од Град Скопје.
Дали е во прашање недостаток на документација или пак едноставно повисоки цени од планироното, од Градот нема објаснување. Нема ниту прецизна дата кога ќе биде распишан новиот тендер, бидејќи претходно треба да поминат неколку законски рокови.
На сега поништениот тендер за нова фонтана, при што беше предвидена и целосна реконструкција на плошадот, понуди доставија три домашни компании. Најмногу пари за зафатите побара Урбан Инвест од Кавадарци, 3 742 000 евра. За нијанска поевтини, со 3 740 000 евра, беа КРИН КГ од Прилеп, а за значително пониска сума за зделката од 2 970 000 евра се понуди гостиварска „Пелагонија“.




