Поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски за бугарски „Пресе“ изјави дека за неколку години Македонија ќе биде и муслиманска држава, бидејќи како што вели, дека кој сака да гледа стратешки на Балканот, треба да го има предвид фактот дека во 2020 година ќе треба да ја третира Македонија како четврта муслиманска држава во Европа.
Георгиевски за бугарскиот весник вели дека не е поборник на идејата за создавање на етнички чисти држави на Балканот, иако во минатото сакал таа да се реализира.
– Да, оваа идеја сакав да се реализира на балканска конференција на која сите држави ќе ја дадат својата согласност и тоа да биде чекор кон мирот, а не да се соочиме со војна… Ако денес ја анализираме ситуацијата, ќе видиме дека процесите не се тргнати напред. Босна постои само на хартија, таму реално државата не функционира. Косово сеуште е поделено и продолжува да создава проблеми меѓу Албанците и Србите. Македонија е во перманентна нестабилност, чиј опстанок денес зависи само од добрата воља на Албанците. Сфатив дека мојата идеја не може да проработи и веќе не сум активен нејзин поборник, вели тој.
– Ако ги погледнете демографските процеси во Република Македонија, ќе видите дека тие се страшни. Во 2012 година од сите родени деца во Македонија 50 проценти се христијани и исто толку муслимани. Падот на Македонците годишно е 4-5 проценти, а растот на Албанците и другите муслимани е 3-4 проценти. Ако овој процес продолжи по 7 до 8 години можеме да претпоставиме дека Македонија ќе биде муслиманска земја, а по 15 години ќе стане албанска држава, вели Георгиевски во интервјуто.




