Општина Центар ќе добие ново и поголемо зеленило, чист јавен простор, капитални проекти, организирана урбанизација и повеќе резидентни паркинг места. Ова го изјави  Кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и Коалицијата, Горан Герасимовски на својата прва прес конференција со која ја почна изборната кампања за локалните избори 2021на која ја претстави програмата која брои пет клучни столба и решенија за најголемите проблеми на граѓаните во Општина Центар.

„Прво, решавање на проблемот со уличната хигиена. Со проширување на дејноста на ПОЦ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и во секое време. Ќе обезбедиме „маалски патроли“ кои ќе бидат задолжени за грижа и заштита од уништување на јавното добро. Второ, Центарци заслужуваат повеќе, но пред се загарантирани резидентни паркинг места. Затоа, се обврзувам да обезбедиме целосно нови паркинзи на најпроблематичните места и тоа, во Дебар маало, Буњаковец и Капиштец. Трето, ќе се залагам за хумана урбанизација со заштита на јавните простори и земјиштето во сопственост на општината. Четврто, силно вложување во капитални инвестиции меѓу кои обнова на најмалку десет енергетско ефикасни фасади уште во првата година, а вкупно 30 до крајот на мандатот. И петто директна комуникација со граѓаните која ќе помогне во решавање и задоволување на сите потреби“, изјави Герасимовски.

Тој потенцира дека внимателно, со добро осмислени проекти, без лажни и помпезни ветувања, следи забрзан развој и подобар квалитет на живот во општината.

На прес конференцијата Герасимовски ги претстави и кандидатите за советници чиј носител е Андријана Будимир Филиповски, професионален ракометен тренер.