Герхард Шредер, кој е платен речиси 1 милион долари годишно од енергетските компании под контрола на Русија, стана симбол на германската политика кон Русија.
Вечерта на 9 декември 2005 година, 17 дена откако Герхард Шредер ја напушти функцијата канцелар на Германија, тој доби повик на неговиот мобилен телефон. Тоа беше неговиот пријател, претседателот Владимир Путин од Русија. Путин го притискаше Шредер да ја прифати понудата да го води акционерскиот комитет на „Северен тек“, компанијата под руска контрола, задолжена за изградба на првиот подморски гасовод што директно ги поврзува Русија и Германија.
„Дали се плашите да работите за нас?“, се шегуваше Путин.
Шредер ја прифати понудата.
Со оглед на тоа што Путин сега води брутална војна во Украина, цела Германија ги преиспитува врските со Русија кои – и покрај долгогодишните предупредувања од Соединетите Американски Држави и источноевропските сојузници – ја оставија Германија длабоко зависна од рускиот гас, давајќи му на Путин заштита од Европа додека тој пополнува воени мртовечки ковчези во Кремљ.
Таа зависност произлезе од германското верување – прифатено од долга низа канцелари, индустриски лидери, новинари и јавноста – дека Русија врзана во трговската мрежа на Европа ќе ризикува премногу ако влезе во конфликт со Европа.
Шредер не беше сам во тоа убедување. Но, денес тој стана најистакнатото лице на таа долга ера на погрешни пресметки, не само затоа што не изразува жалење, туку затоа што и многу профитираше од тоа, заработувајќи милиони додека ги промовираше и бранеше руските енергетски интереси.
Неговите блиски врски со Путин предизвикаа незадоволство во неговата сопствена земја, каде што многумина сега го критикуваат за користење на неговата моќ и врски во изминатите две децении за да се збогати на сметка на Германија. „Тој го искористи угледот и влијанието на премиерската канцеларија и се понуди како застапник на руските интереси за да се збогати“, рече Норберт Ротген, конзервативен пратеник, поранешен министер.
Но Шредер во една прилика рекол дека „кога станува збор за рускиот гас, сите беа на бродот, пиејќи бело вино и јадејќи кавијар“. „Но, одеднаш сега сите зборуваат друго“.
Шредер одбива да поднесе оставка од неговите места во управите на руските енергетски компании, и покрај повиците да го стори тоа од целиот политички спектар, не само од канцеларот Олаф Шолц, колега социјалдемократ, кој тесно соработуваше со Шредер кога тој беше канцелар. „Ако се дистанцирам сега од него, ќе ја изгубам довербата на единствениот човек кој може да стави крај на војната: Путин“, вели Шредер.
И покрај тоа, по сите години блиски односи со Путин, Шредер замина со празни раце од нивната кратка средба обидувајќи се да посредува во конфликтот во Украина.
Зависноста на Германија од рускиот гас се зголеми на 55 отсто пред почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари, од 39 отсто во 2011 година, што изнесува 200 милиони евра или околу 220 милиони долари, секој ден за енергетски плаќања кон Русија. Тоа му помогна на Путин да стане можеби еден од најбогатите луѓе во светот, ја поттикна неговата инаку слаба економија и му овозможи и го охрабри да ја продолжи својата агресија во Украина.
Дури и кога Путин собираше војници на границата со Украина минатата есен, Шредер го посети рускиот лидер во Сочи, едно од омилените места за одморање на Путин, спроти брегот на Црното Море.
Шредер се огради од војната, но не и од Путин. Прашан од новинарот на Њујорк тајмс за злосторствата во Буча, Шредер рекол: „Тоа треба да се истражи“, но додал дека не мисли дека тие наредби дошле од Путин, туку од пониска власт. „Мислам дека оваа војна беше грешка и секогаш сум го велел тоа“, рекол Шредер. „Она што треба да го направиме сега е да создадеме мир што е можно побрзо“.
„Отсекогаш сум им служел на германските интереси“, додаде тој. „Го правам тоа што можам. Барем едната страна ми верува“.
Но таа страна не е германска страна.
Откако започна рускиот напад врз Украина, целиот персонал од парламентарната канцеларија на Шредер поднесе оставка во знак на протест, вклучително и неговиот шеф на кабинет и портпаролод 20 години, кој беше со него од неговите денови како канцелар. Шредер се откажа од почесното државјанство во Хановер пред неговиот роден град да му го одземе. Повиците за негово протерување се се погласни и кај социјалдемократите.
Но, Шредер не се плаши. Тој останува претседател на одборот на акционери на „Северен поток“, заработувајќи околу 270.000 долари годишно и е шеф на надзорниот одбор на „Северен тек 2“, кој е втор гасовод што ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море. Три недели пред Русија да го започне нападот врз Украина, Газпром кој поседува 51 отсто од Северен тек и целиот Северен тек 2 -објави дека и Шредер ќе се приклучи на неговиот управен одбор.
Од 2017 година, Шредер, исто така, претседаваше со одборот на руската нафтена компанија Роснефт (денеска беше објавена неговата одлука за повлекување како резултат на заканите од ЕУ дека ќе го стават на црна листа), заработувајќи уште 600.000 долари годишно, според јавните податоци, покрај неговата месечна владина плата од 9.000 долари како поранешен канцелар.
Шредер како канцелар има големи заслуги во Германија. Тој ги постави реформите на пазарот на трудот кои го отворија патот за следната деценија економски раст под водството на неговата наследничка Ангела Меркел.
Тоа наследство сега е трајно извалкано.
Но, дури и неговите најжестоки критичари признаваат дека блиските и профитабилни односи на Шредер со Русија се исто така симбол на деценискиот пристап на Германија кон Русија. Агресивно лобирани од германската извозна индустрија и бодрени од синдикатите, последователните канцелари, вклучително и Меркел, колективно ја дизајнираа зависноста на Германија од руската енергија.
„Шредер е врвот на ледениот брег“, рече Волфганг Ишингер, поранешен амбасадор во САД и ветеран дипломат. „Но, под него има цела санта мраз“.
Кога станува збор за гасоводите, Шредер не беше првиот. Тие се градеа меѓу Германија и Русија дури и за време на Студената војна. За време на Вили Брант, Германија потпиша голем проект за гасовод со Москва, во 1970 година. Неговиот наследник, Хелмут Шмит, канцелар во остатокот од 1970-тите и раните 1980-ти, го надгледуваше проширувањето на гасоводите, вклучително и друг голем проект познат како гасовод Западен Сибир.
„Во суштина, од 1960-тите, соработката со Советскиот Сојуз, а подоцна и со Русија е постојана“, вели Шредер. „Ние ги доставуваме парите тие го доставуваат гасот. Дури и во најтешките времиња на Студената војна, никогаш немало никакви проблеми“, објаснува Шредер.
По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и распадот на Советскиот Сојуз, евтината руска енергија се сметаше и како дивиденда за мир. Русија беше и геостратешката Северна ѕвезда на Германија. За Германија која ја напушти воената димензија на нејзината надворешна политика по Втората светска војна, економските интереси беа нејзини безбедносни интереси.
Германија е енергетски сиромашна, а бидејќи нејзините ресурси на јаглен се намалија во доцните 1990-ти, ѝ требаше прифатливо гориво за да ја напојува нејзината извозно ориентирана економија, една од првите пет во светот. Откако беа воспоставени руските гасоводи, тие ја хранеа германската индустрија со стабилно снабдување со гас преку долгорочни договори што ја наведоа Германија да престане да бара други снабдувачи.
За време на неговата премиерска функција од 1998 до 2005 година, Шредер ги заобиколи Украина и Полска, за првпат поврзувајќи ги Русија и Германија директно под Балтичкото Море.
А рускиот претседател со кој го договори тоа беше Владимир Путин.
За време на една од првите средби на Шредер со Путин во Москва, рускиот претседател го покани канцеларот во сауна во неговата приватна резиденција надвор од Москва и му понуди пиво. Путин, поранешен КГБ агент кој живеел во Дрезден во Источна Германија, зборувал течно германски и пораснал во сиромашно семејство како и Шредер, чија мајка била чистачка која сама одгледала пет деца.
„Тоа меѓу нас создаде одредена блискост“, вели Шредер. „Имаме чувство дека можеме да се потпреме еден на друг“. „Имиџот што луѓето го имаат за Путин е само половина од вистината“, тврди Шредер.
Во 2001 година Путин им се обрати на германските пратеници, првиот руски претседател што го стори тоа. Говорејќи на германски, тој ја опиша Русија како „пријателска европска нација“ чија цел беше „стабилен мир на континентот“ и доби овации. Меѓу оние кои аплаудираа тој ден беше и наследничката на Шредер, Ангела Меркел.
Во ноември 2005 година, два месеци откако Шредер ги загуби изборите, директор на Гаспром побара да се состанат. Во аеродромскиот хотел во Хановер, тој му ја понуди на Шредер функцијатапретседател на новооснованата компанија задолжена за изградба на Северен тек 1. „Чувствував како да е малку рано“, се сеќава Шредер, додека раскажуваше за состанокот.
Но Шредер беше во искушение. На неговиот 60-ти роденден, една година претходно, неговиот биограф Рајнхард Уршел го прашал што сака да прави откако ќе ја напушти функцијата. „Заработување на пари“, одговори Шредер. „Бев канцелар. Не можев да се вратам да бидам адвокат кој се занимава со договори за изнајмување. Ми требаше проект“, рече тој. „Нешто што знаев како да го направам и каде можам да им служам на германските интереси“.
Кога Путин му се јави на Шредер на неговиот мобилен телефон ноќта на 9 декември 2005 година, тој ја прифати понудата. Многумина во Германија беа згрозени. Ниту еден канцелар пред него не се вработил во компанија контролирана од странска земја, а камоли некоја што имала корист од нивната поддршка.
Но, самиот проект за гасоводот остана неконтроверзен. „Следната влада продолжи со тоа беспрекорно“, се сеќава Шредер. „Никој во првата влада на Меркел не кажа ниту збор против тоа. Никој!”
Ишингер, кој беше амбасадор на владата на Шредер во Соединетите Држави, а подоцна ја водеше Минхенската безбедносна конференција, се согласи. „Не можете да го обвинувате Шредер за Северен тек 1“, рече Ишингер. „Повеќето германски политичари, без разлика дали се во владата или во опозиција, некритички го доведуваа тоа во прашање. Никој не праша дали тоа значи дека се доведуваме во зависност“.
Според добиениот извештај, од јануари 2015 до октомври 2017 година, имало 62 средби меѓу германски политичари и претставници на Северен тек 2 од кои 10 со сегашниот претседател на Германија Штајнмаер или неговите амбасадори во Брисел и Москва.
На почетокот на март, нешто повеќе од една недела од почетокот на војната, Шредер рече дека бил контактиран преку швајцарската медиумска компанија, Рингје, од украински функционери кои го прашале дали може да биде достапен да посредува меѓу Москва и Киев. Шредер побарал уверување од украинските власти дека владата на претседателот Володимир Зеленски од Украина ја поддржала иницијативата. Одговорот од Киев беше брз, но претпазлив. Пратеникот од опозицијата, Рустем Умеров, беше испратен да се види со Шредер во Истанбул за да ги изнесе украинските барања. Двајцата мажи се сретнале два часа на 7 март. Потоа, во таксито до аеродромот, Шредер повика доверлив контакт во Руската амбасада во Берлин за да праша дали може да се види со Путин. Десет минути подоцна доби зелено светло, а на 9 март беше испратен руски авион да го собере во Истанбул.
Шредер вели дека е подготвен повторно да се сретне со која било страна. Тој верува дека што и да се случи, рускиот гас и нафта ќе продолжат да течат. Владата не треба да воведува енергетско ембарго, рече тој.
Путин зборуваше со задоволство за Шредер во февруари за време на заедничката прес-конференција со Олаф Шолц, актуелниот германски канцелар, кој го посети Кремљ во последниот обид да се избегне војна. „Господин Шредер е чесен човек кого го почитуваме и чија цел е прво и основно да ги промовира интересите на сопствената земја, Сојузна Република Германија“, рече рускиот лидер.
„Германските граѓани нека ги отворат своите чанти, нека погледнат внатре и да се запрашаат дали се подготвени да платат три до пет пати повеќе за струја, за гас и за греење“, додаде Путин. „Ако не се, треба да му се заблагодарат на господин Шредер бидејќи ова е негово достигнување, резултат на неговата работа“.
Шредер останува на своето непоколебливо верување дека мирот и просперитетот во Германија и Европа секогаш ќе зависат од дијалогот со Русија. „Не можете да изолирате земја како Русија на долг рок, ниту политички ниту економски“, рече тој. „На германската индустрија и требаат суровините што ги има Русија. Тоа не е само нафта и гас, туку и ретки руди и минерали. И ова се суровини што не можат едноставно да се заменат“.
„Кога оваа војна ќе заврши ќе мора да се вратиме на справувањето со Русија. Ние секогаш го правиме тоа“, рече Шредер.
(адаптирано од Њујорк Тајмс)