И покрај противењето на Берлин и критиките од Ангела Меркел, „балканската рута практично е затворена“, објавуваат денеска германските медиуми.
Дојче Веле објавува дека сепак „потегот на балканските земји, кој според општи уверувања го диригирала Австрија, многумина во Германија го поздравуваат“, а меѓу нив е и владејачката баварска Христијанско – социјална унија“.
Национално- конзервативниот неделник Јунге Фрајхајт коментира на својот портал дека балканските држави и Австрија без двоумење ја исфрлиле Германија од возот.
– Балканската рута во најголема мерка е затворена, Ниту една од тамошните држави не гледа интерес во тоа да зависи од расположението и каприците на канцеларката Меркел.
Таа не е машиновозач, туку тоа е австрискиот канцелар Вернер Фајман, кој го доктира темпото под притосок на внатрешно политичката ситуација и засилената Слободарска партија на Австрија, Германија може да здивне, канцеларката остана осамена“, пишува
неделникот.
Дизелдорфскиот весник Рајнише пост коментира дека „е цинично да се поздравуваат еднострани, национални потези кои подразбираат оградувања, бодликави жици и ѕидови“.
Тие еднострани потези се, според овој дневен весник, израз на очигледна неспособност на членките на ЕУ да соработуваат“.
-Дури и кога можеби се во состојба да се согласат околу одреден систем на вредности кои вклучуват хуманитарни принципи, тие не се во состојба заеднички да се држат до тие принципи, пишува весникот, додавајќи дека со затворањето на балканските граници, проблемот не е решен, туку изместен.
– Би било нереално да се верува дека очајните луѓе од сиромашните и кризни подрачја нема со помош на криминални банди и кријумчари да се обидат да побараат други патишта за да дојдат до Германија, додава весникот.

Новинарот прогнозира дека повторно ќе стане атрактивна рутата преку Либија до Италија, што подразбира уште поризични патувања со несигурни бродчиња.
-Затворањето на балканската рута е фијаско и тоа не само од хуманитарни причини. Тоа би можело на политички план да значи конечно кинење на врските меѓу Меркел и нејзините малубројни сојузници во ЕУ од една, и мнозинството, кое се оградува од друга страна, пишува Рајнише пост.
Се оценува дека пред тешките прегвоори со Турција, за канцеларката тоа станува уште една висока препрека.
– Неизбежниот застој на луѓето што се во бегство во Грција и Турција значи дека ЕУ допрва ќе мора целосно да се потпре на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Ако порасне притискот врз Турција да згрижи што повеќе луѓе кои сега Македонија и останатите земји не ги пропуштаат, Турција во текот на преговорите со ЕУ може да уфрли се повеќе барања за сопствена корист. Тоа нема да оди во прилог на балканските држави, прво од финансиска причина, пишува весникот.
Вестдојче алгеманје цајтунг од Есен пишува дека Ангела Меркел успеала во својата цел, во заклучокот од самитот на ЕУ и Турција да не стои референцата дека балканската рута е затворена.
– Но додека Меркел својата парола ја изговараше на микрофон, другите колеги од ЕУ работеа на терен. Балканската рута од вчера е затворена и никого во Македонија и во Словенија не му е грижа што Меркел и претседателот на ЕК Жан Клод Јункер успеале да спречат, спорната реченица да се најде во заклучоците, пишува весникот.
Според авторот, „Меркел морала да капитулира пред срамната политика на блокади и менталитет на тврдина кој владее во соседните земји“.
-Повеќе не може да стане збор за политика на праведна распределба на бегалци, место тоа сега Грција станива огромен бегалски камп. Трагикомична е претпоставката дека затворањето на границите ќе ги истера бегалците. Ужасот на она од што бегаат е поголем од стравот од новите опасни бегалски рути. Ќе има уште мртви. Европа го покажува своето грдо лице и ги гази своите вредности, оценува весникот.

Минхенски Меркур пишува дека Грците веднаш почнале со отстранување на кампот во Идомени на македонската граница.
– Во едно, и од Бога заборавено село во грчката провинција со тоа завршува одисејата на десетина илјади бегалци. Завршува и европската цик-цак бегалска политика која се движи од селфи фотографиите на Меркел со беглаците до бодликавата жица на Орбан. Глетките на очај од Идомени ја мачат Европа, макар оној нејзин дел кој го зачува сочувствувањето со луѓето во невоља. Но тој очај е сигнал од ЕУ за мигрантите – за оние кои денес се во бегалските кампови од азиската страна на Егејското море, дека можеби ќе мора да размислуваат да тргнат по некој друг пат. Пораката гласи: Во Европа мигрантите веќе не ги чекаат со кадифени мечиња, туку со огради и со тешко вооружени гранични полицајци, пишува Меркур.
Берлински Тагешпигел пишува дека „ очигледно, со текот на времето се промениле и
моралните начела по кои делува Европа и дека веќе ни Ангела Меркел не е подготвена во голем стил да им помогне на бегалците од Грција да дојдат директно во Германија“.
– Новите времиња донесоа и невообичаена издржливост на ужасните слики, заострено бегалско право, контролирани или затворени граници како дел од реалното сознание дека ние не можеме повеќе да ги примиме. Бегалската политика на канцеларката за неа и за Германија беше убрзан курс за можностите и границите на практичната љубов кон ближниот. Чемерно е сега да се посматраат оние кои цело време говореа дека треба да се ограничи доаѓањето на бегалците, како стојат во поза од која порачуваат: Убаво ви рековме. Но триумфот на тие мудреци не може да го обезвредни спонтаниот импулс да им се помогне на луѓето, пишува берлинскиот весник.




