Вчера, до доцните попладневни часови на работа беше обвинителката Гордана Гешковска, чии завршни зборови за случајот „Монструм“ беа причина невладината организација „Разбуди се“ да побара оценка за нејзината работа од Советот на обвинители, кој се уште не се изјаснил за тоа барање. Обвинителката видела многу протести пред судот, но вели дека не памети вакво насилство, објавува Дојче веле.
„Го вклучив телевизорот и видов некои снимки од протестот. Дефинитивно, ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а камо ли вака да се однесува. Секој има право на протест, но вакво насилство не може да се одобри. Целта е преку ваков притисок осудените да не одговараат кривично. Ова е пресуда на првостепен суд. Осудените имаат право на жалба и на постапка пред повисоките судови. Тоа се чекорите што можат да се преземат. Преку насилство ништо не се решава“, вели за Дојче веле, обвинителката.
Гешковска е уверена дека ваквите настани нема да влијаат врз нејзината работа и дека лично се чувствува безбедно, не само поради службеното обезбедување што го има подолго време.
„Не се плашам. Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но и без тоа се чувствувам безбедно. Работам според законот и немаше да се занимавам со оваа работа ако се плашев“, децидна е обвинителката.
По проценка на безбедносните служби, таа доби службено обезбедување до завршувањето на судскиот процес „Пајажина“ (против Велија Рамковски, сопственикот на А1 телевизија други и управители на фирми на „Перо Наков“), а повторно и беше доделено со почетокот на процесот „Монструм“.




