Со двотретинско мнозинство, вклучувајќи ја и опозицијата, Собранието ги констатира оставките на Благоја Гешовски и Јанаќе Витановски, членови на Комисијата за верификација на фактите.
Оставки беа поднесени пред речиси една година.
– Подолг временски период, како во Комисијата, така и во јавноста го искажувам моето несогласување со начинот на кој се спроведува процесот во Македонија, односно сметам дека процесот целосно ја промаши својата цел. Потврда на ваквите тези стигнаа и од Венецијанската комисија, наведува Гешоски.
Од своја страна, Витановски истакнува дека процесот на лустрација во Македонија „оди во погрешна насока и ја промаши својата цел“.
– Сметам дека Комисијата ја води нелегитимен претседател. Комисијата во својата работа акцентот го ставаше на поранешните функционери, наместо на актуелните функционери. Исто така, законот содржи одредби кој што Уставот веќе еднаш ги прогласи за противуставни, а сега тоа нешто го потврди и Венецијанската комисија, при што Комисијата ги користеше овие одредби, се вели во барањето за оставка од Витановски.
За неполни два месеца истекува мандатот на актуелниот состав на Комисијата за верификација на фактите.
Ставот на пратеничката група на СДСМ го соопшти координаторот Игор Ивановски:
– Процесот на лустрација власта го претвори во политичка сатанизација на неистомислениците. Оние што се уште се активни, се казнуваат заради слободата на изречениот збор и критиките упатени на адреса на власта. Гревот на починатите е што имале доблест да се вградат себе си во создавањето на идентитетот на нацијата и државата Македонија.
– Целта на таканаречената „Комисија за верификација на фактите“ не е да расчисти со неправдите од минатото, туку на неправеден и незаконски начин да ги санкционира сите оние, живи или починати, кои интелектуално, идентитетски или политички му пречат на режимот.
– Токму затоа двајцата членови предложени од СДСМ пред повеќе од една година поднесоа оставки и не учествуваат во работата на овој срамен партиски суд. Денешното гласање само ги формализира оставките.
– Со овој чин, целокупната одговорност за политичкиот линч на неистомислениците со власта, преку процесот на лустрација, во минатото, денес и во иднина, паѓа исклучиво на ВМРО-ДПМНЕ.




