Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан очекува Руската Православна Црква да даде придонес во решавањето на спорот со Српската Православна црква, изјави поглаварот г.г Стефан.
Тој пред новинарите беше дециден дека името Македонска православна црква и Охридска архиепископија е едно и исто и е неделиво, со што ги исклучи пишувањата во медиумите дека македонскиот црковен врв е подготвен да се согласи за двојна употреба на името на МПЦ, едно при меѓуцрковниот однос со СПЦ како Охридска архиепископија, а друго за употреба дома како Македонска православна црква.
„МПЦ и Охридска архиепископија е едно и исто. Како што не може да се подели значењето на Пеќката патријаршија и Српската православна црква, како Трновската патријаршија и Бугарската православна црква, или Московскиот патријархат од Руската православна црква. Охридската архиепископија и Македонската православна црква се неодвоиви. Оној што ја признава МПЦ, всушност ја признава Охридската архиепископија и обратно. Проблемот што се актуелизира е изнаоѓање место на МПЦ во сеправославната заедница. Тоа е најбитното за кое треба да се бориме и да очекуваме да биде во блиска иднина“, изјави г.г Стефан.
Поглаварот Стефан очекува дека РПЦ ќе даде придонес за решавањето на проблемот, но нагласува, прашањето на МПЦ треба да го прифатат, односно да го решат сите православни цркви.
„Секако дека очекуваме РПЦ која има високо место во православието и е најбројна православна црква да даде придонес. Но, прашањето на МПЦ треба да го прифатат, односно да го решат сите православни цркви“, вели тој.
Поглеварот Стефан потсети дека МПЦ неколкупати се обратила до поглаварот на СПЦ, неговата светост Иринеј и до Соборт на СПЦ со предлог да продолжат децениските разговори меѓу двете цркви, но одговор нема.




