Денеска, 1 септември, кога официјално започнува новата учебна година, средношколци од неколку градови во Србија, со поддршка на родители, наставници и ученици во блокадата, излегуваат на улиците за да одбележат 10 месеци од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, кога падот на настрешницата одзеде 16 животи, меѓу кои и две деца, пренесува Нова.рс.
Под слоганот „Средношколците памтат – сите сме под надстрешницата“ планирана е комеморативна прошетка во Белград, како и дополнителни протести во други градови. Организаторите велат дека денес за нив не е почеток на учебната година, туку ден на сеќавање, борба и солидарност.
Комеморативната прошетка започнува во 18:30 часот пред Старата главна железничка станица. Колоната ќе се движи по улицата Немањина, покрај Министерството за образование, Студентскиот културен центар, Уставниот суд и зградата на РТС, па сè до Плоштадот на Републиката.
Студентите и средношколците изјавија дека денешната средба има исклучиво комеморативен карактер:
„Се сеќаваме на трагедијата, бараме одговорност, се бориме за подобра земја. Не ги вртиме главите. Заедно до крај“, пишува во објавата на студентите во блокадата.
Студентите на ЕТФ во блокадата одлучија да се соберат порано – тие ќе се сретнат заедно со колегите од другите факултети околу 17:30 часот на Правниот факултет, од каде што ќе се упатат кон плоштадот Сава за да им се придружат на средношколците на протестот што започнува во 18:30 часот.
Организаторите нагласуваат дека на денешната прошетка нема да има слогани или свирежи – наместо бучава, предвидена е симболична тишина и споделено сеќавање.
На протестите во Белград и Ваљево им се придружуваат и други средни училишта низ цела Србија. Според најавите, учениците во многу градови ќе одбележат десет месеци од трагедијата со минути молчење, собири и прекин на наставата.
Пораката е иста – средношколците и студентите не сакаат трагедијата да биде заборавена и бараат конечно да се идентификуваат одговорните.