Секторот за животна средина на Општина Ресен, по извршените мерења ме информира дека од почеток на оваа година нивото на Преспанско Езеро се зголеми за 14 см, односно , сегашното ниво е 842.36. Тоа е добра вест, во година кога треба и институционално да започнат голем број активности за спас на нашето езеро, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски.

Минатиот месец и премиерот Заев заедно со Гошаревски, посетата на преспанскиот регион ја искористија за увид и обиколка на Преспанското Езеро за прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро.
Заев подвлече дека без разлика што сме соочени со факторите на кои не можеме да влијаеме, како што се климатските промени и актуелната временска ситуација, препораките што произлегуваат од студијата и акцискиот план со конкретни мерки и временски рамки, укажуваат дека излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро ќе се организираат во три фази.
Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија. Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро. Дека нашата грижа е континуирана, покажуваат и нашите дела. Владата издвои 80 милиони денари за земјоделците кои претрпеа штети од невремето. Сите граѓани на преспанскиот регион веќе ја препознаваат оваа грижа. Наша обврска е да ја покажеме таа грижа и Преспанското Езеро да се сочува денес за идните генерации“, порача при крајот на декември премиерот Заев.