Од 173 примени иницијативи на Уставниот суд изминатава година, 98 се однесувале за оспорени закони. Од нив 11 се укинати, а за 63 не е поведенa постапкa, образложи на денешната презентација на годишниот извештај на Уставниот суд, претседателката Елена Гошева.
За 14 предмети Судот изминатава година се прогласил за ненадлежен, а во два случаи, барањето било одбиено, меѓу кои и барањето од група новинари за заштита на нивната работа наспроти физичкото отстранување од собраниската сала на 24 декември 2012.
Гошева немаше коментар за политичките бомби на опозицијата во кои се споменува дека наводно судот работи под диктат на власта и на прашање на НОВА за тоа дали се точни тврдењата дека дел од судиите однапред го договараат исходот на предметите, Гошева одговори дека нема коментар за такви прашања, бидејќи според неа судот е независен.
-Немам одговор, Судот е независен, судот си одлучува според личното убедување на судиите на денот на седницата. И немам што да одговорам на ваквите прашања, рече Гошева.
И покрај тоа што претседателите на Уставниот суд имаат забелешки во однос на средствата со кои располага Уставниот суд, според претседателката Гошева засега нема никакви проблеми со буџетот.
Гошева одби да коментира и за разговорите кои ги објави опозицијата во неделата, а се однесуваат на иницијативата на Андреј Жерновски за ДУП-от на општина Центар.
-Уставниот суд носи одлука со гласање, одлуката не ја носи ниту самиот судија, ниту претседателот на Судот. Немам коментар, рече Гошева.
За дел од законите, со посебни издвоени мислења, судијката Наташа Габер-Дамјановска во повеќе наврати ја образложуваше неуставноста на дел од одлуките на Уставниот суд. На новинарско прашање, судијката одговори дека нема личен притисок, а издвоените мислења се за предметите кои таа лично смета дека не се согласно уставните принципи.
-Последните години мислам дека Уставниот суд генерално не е подложен на политички притисоци. Што се однесува до мене, можам да ви кажам дека јас се држам до мојата заклетва дека одговорно и совесно ќе ја вршам својата функција и ќе го почитувам Уставот и законите и во врска со тоа ветување јас ги гледам предметите и онаму каде што сметам дека нешто не е соодветно со уставните принципи јас тоа писмено го изложувам и го ставам мојот потпис. Во последно време зачестија таквите мислења, но конкретно врз себе не сум почувствувала искрено, рече Габер-Дамјановска.
И според судијата Владо Стојановски политички притисоци во Уставниот суд нема, и за секоја иницијатива се гласа според сопствено убедување на судиите.
-Се разбира дека нема политички притисок. Се разгледуваат иницијативите и независно кој судија е известител, се дебатира. Се гласа според сопствено убедување и според надлежноста од Уставот на Република Македонија, вели судијата Стојановски.
Во време на отсуство на опозицијата од Собрание, се донесоа голем број на закони по скратена постапка. Според претседателката Гошева, Уставниот суд претежно работи по иницијативи, но за вакво нешто досега немало поднесено иницијатива.
Гошева вели дека нема рок до кога може да се разреши иницијативите кои се поднесуваат, па затоа дел се пролонгираат се додека не се ицрпат сите податоци околу поднесената иницијатива.
Уставниот суд беше искритикуван и во Извештајот за напредокот на Македонија за 2014 година. Во извештајот на Европската комисија од минатата година се нотира:
„Во ноември 2013 година, мнозинството на судии од Уставниот суд избраа нов претседател од нивните редови, по пензионирањето на актуелниот претседател. Уставниот суд, исто така, се пресели во целосно опремени, модерни простории. Сепак, неговата работа останува попречена од несоодветните човечки ресурси, особено недостатокот на стручни соработници.
Бројот на уставни претставки кои се примени и по кои е постапено годишно остана на исто ниво со претходните години, но се уште не се преземени какви било чекори за подобрување 7 на правната сигурност во однос на законодавството кое се поништува заради неуставноста и ова често создава празнини во правната рамка.
Извршната и законодавната власт треба да обезбедат посистематски постапки за преземање на последователни активности за решавање на ова прашање. Постои, исто така, загриженост дека промените во составот на Уставниот суд во последниве години влијаат на неговата независност и дека истиот започна да ги одолговлекува и компромитира одлуките.
Во јануари 2014 година, Уставниот суд ја одби иницијативата да се преиспита уставноста на контроверзниот буџет за 2013 година, и тоа по значително задоцнување и заради технички причини. Во април 2014 година Уставниот суд ја одби иницијативата да се преиспита уставноста на контроверзниот Закон за лустрација и покрај тоа што веќе имаше побарано и добиено мислење од Венецијанската комисија.“ посочи Комисијата.




