Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ги потпиша измените на Колективниот договор на ниво на работодавач со репрезентативната Синдикална организација на Град Скопје со кои се врши линеарно зголемување на платите за сите вработени во градската администрација за 2.800 денари, освен за оние за кои веќе имаше зголемување по основ на зголемување на минимална плата.

„Градот Скопје е прва институција која врши линеарно зголемување за усогласување на платите согласно барањата на репрезентативниот синдикат на Град Скопје, а во интерес на унапредување на работничките права. Со ова усогласување се излегува во пресрет на потребите на вработени на Град Скопје, со цел амортизирање на негативните ефекти од двоцифрената инфлација и економската криза со која се соочени“, истакна Арсовска.

Со усогласувањето, како што нагласи Арсовска, се предвидува линеарно зголемување на платата за 2.800 денари на сите административни службеници, на вработените во Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје и вработените ангажирани согласно ЗРО освен за оние вработени во Град Скопје чие зголемување на плати веќе беше направено со зголемување на минималната плата.

„Во насока на унапредување на правата и вреднување на трудот, се презема се што е во рамки на нашите можности, имајќи во предвид дека сакаме да мотивираме работен процес преку кој се испорачуваат ефикасни, ефективни и квалитетни услуги за граѓаните“, истакна Арсовска.