Почнувајќи од 7 мај годинава, Град Скопје воведува приемни денови во кои дежурни правници ќе одговараат на прашањата на граѓаните од областа на даночната политика. Секој вторник и петок, во текот на работната недела во периодот од девет до 16 часот граѓаните ќе може да добијат одговори на сите прашања во врска со решавањето на пријавите и барањата по предмети по основ на данок на имот. Од Градот велат дека овој новитет се воведува со цел побрзо и поефикасно работење на даночната администрација.
„Во насока на подобрување на даночните услуги за граѓаните, Град Скопје од 1 јануари воведе двосменско работење во бараката број 16, со работно време од 7.30 до 19.30 часот за прием и издавање документи поврзани со даноците на имот. Исто така, со цел поедноставување на процедурите во врска со даноците на имот, во Град Скопје веќе подолг временски период дежурен правник и проценител во бараката број 16, соба 2, во периодот од 8.30 до 16.30 часот секој работен ден, извршуваат процени на имот и им даваат правни совети на граѓаните во врска со нивните поднесоци во даночното одделение“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
Од таму посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжат континуирано да работат на имплементирање на оптимални решенија во насока на целокупно подобрување на даночните услуги за граѓаните.
