Kазна во висина од 5.000 евра ќе и изрече Агенцијата за храна и ветеринарство на градинката „Детска радост“ во општина Гази Баба и 500 евра за директорката на таа установа, изјави министерот за труд, Диме Спасов.
Минатата недела, 13 деца од градинката „Детска радост“ имаа симпотми на труење, од кои, како што истакна Шаќири, осум се амбулантски прегледани, пет досега биле хоспитализирани, а кај три кај кои е утврдено присуство на бактеријата салмонела во моментов се на болничко лекување во Клиниката за инфективни болести.
-Утврдено е дека пред повеќе од година дена имало одредени недоследности, недостатоци во работењето на градинката во однос на стандардите, квалитетот на храната и условите за работа.
Дополнително од страна на инспекцијата за детска заштита при Министерството за труд и социјална политика извршен е повторен надзор и ќе бидат изречени парични казни. Согласно Законот за детска заштита, казната е во висина од 500 до 1.000 евра, рече Спасов.
Тој нагласи дека и од страна на градоначалникот ќе бидат преземени мерки и ќе биде покрената постапка за разрешување на директорката на градинката.
–
Утврдено е неколку пати непочитување на стандардите и квалитетот на храната во градинката и поради тоа се преземаат вакви строги санкции против одговорните лица и во останатите институции да не се случи повторување на ваква појава. Дополнително од страна на надлежните инспекции во наредниот период ќе се прават и вонредни контроли со цел да се утврди дали секаде се почитуваат стандардите и да се преземат соодветни мерки, додаде министерот Спасов.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе поднесе кривична пријава против градинката „Детска радост“ во општина Гази Баба и директорката на оваа установа за загрозување на здравјето и сомневање за акутно труење со храна.
Директорот на ДСЗИ Ѓевѓез Шаќири денеска изјави дека кривичните пријави понатаму ќе бидат процесуирани до Јавното обвинителство.




