По вчерашните апели на организацијата „Анима Мунди“, како и Асоцијацијата на активсти за права на животните, кои реагираа за правилата на градските власти во однос на условите за чување на животни и домашни миленици во дворни места на колективни и индивидуални станбени објекти од комуналниот ред, од „Анима Мунди“ информираат дека добиле одговор од Драги Митковски (раководител на Одд. за комунални рабори при град Скопје) во кој се вели:
„Во интерес и на проблематиката и на досегашната добра соработка, во периодот кој следува Ви стоиме на располагање заеднички да ги разгледаме и усогласиме сите забелешки и како такви, на една од наредните седници на Совет, ги предложиме како измена и дополнување на споменатата Одлука“.
Образложението зошто амандманите не можат во целост да бидат инкорпорирани во Одлуката е дека барањата и коментарите на организациите се доставени неколку дена пред седницата на Советот која веќе била закажана, и од временски и технички причини не се во можност да се одложи Одлуката, туку истата ќе се менува дополнително со предлог измени.
На ова, од „Анима Мунди“ велат дека доколку пропустите констатирани во Одлуката од нивна страна се ненамерни, или од каква било техничка природа, изразуваат доверба дека преку измени и дополнувања Одлуката бргу ќе се коригира и надогради.
– Анима Мунди ќе го сфати овој допис како ветување од кое град Скопје нема да отстапи , т.е дека град Скопје, согласно на даденото ветување, а во соработка со здруженијата за заштита на животни, во најкус можен рок ќе креира една современа и адекватна Одлука – преку измени на Одлуката со што ќе се исфрлат сите точки кој се нехумани, спорни, неприфатливи; и која ќе биде во функција на заштита на граѓаните, животните, ќе го поддржува активизмот и хуманите вредности, се вели во повратната реакција на Здружението за заштита на животните.
Воедно во низата амандмани поднесени од страна на „Анима Мунди“, нивните примарни напори се да град Скопје биде прв град во земјата кој ќе го официјализира и признае придонесот на активните граѓани кои, преку грижата за бездомните животни непречено помагаат на заедницата, на општините и градот.
– Бараме конечно и во Македонија, да се признае, препознае и официјализира важноста на категоријата граѓанин „старател на бездомни животни“, велат од „Анима Мунди“.




