Опозициските „бомби“ продолжија и денеска. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев обелодени разговори за кои посочи дека во нив премиерот Груевски лично се залагал да се урне Драмскиот театар во Скопје, бара и „да снема оригинално писмо“ односно комуникација од Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба која се однесува на сопругата на претседателот на државата Ѓорге Иванов, Маја Иванова, а по наводен налог на Груевски неименуван бизнисмен од Неготино бил ослободен од санкции од повеќе институции затоа што бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што во неговите цистерни биле пронајдени пет и пол тони црвена нафта.
Денешната прес-конференција Заев ја одржа во присуство на голем број граѓани пред објектот на Владата.
Граѓаните слушајќи ја бомбата скандираа „оставка“ и со свирежи изразуваа револт од разговорите кои ги водат челниците на власта.
Оние граѓани кои се охрабрија да зборуваат за НОВА, велат дека од тоа што го слушнале од досегашните 34. „бомби“ се чувствуваат обесправено и изневерено од сопствената држава.
Веруваат дека обелоденувањето на аферата со прислушуваните разговори ќе придонесе што побрзо оставка од Владата на чело со премиерот.
Погледнете ги коментарите на граѓаните по денешната бомба.




