Границите на државата ќе се отвараат кон средината на јуни, најави министерот Венко Филипче. Тој не сакаше да даде конкретен датум кога ќе се подигнат рампите на границите бидејќи , како што вели, треба да се биде внимателен.
„Малку е рано да се отворат нашите граници. Може веднаш да ни се компромитира стратегијата за заштита од вирусот. Евентуално границите би се отвориле кон средината на јуни. До тогаш ќе имаме секако повремени, нови пациенти. Ќе може да се патува каде било, но да се внимава, да се одржува дистанца и да се носи маска. Сите држави ќе ги имплементираат речиси истите мерки, со маски и растојание. Тоа е новиот начин на комуницирање. Со блиски луѓе или со пријателите со кои се патува се можни контакти, но и во вода, во езеро или во море ќе мора да се држи дистанца.“- објасни министерот.
Тој во својот настап на ТВ 24 рече дека во тек е координација со другите држави за да се утврдат правилата за патување во вакви услови.
„Мора да се биде многу внимателен при отворање на границите. Правиме анализи и околу тоа. Сигурно ќе мора заеднички настап на државите, за да се утврдат правилата за патување во летните месеци, понатаму, како ќе се третира заболено лице… Преку лето нашата држава ќе биде транзит за многумина. Потоа, мораме да утврдиме како побрзо да се минуваат границите за да не се прави гужва. Со Грција сме во контакт и чекаме да видиме што и како ќе договориме. Сега сме во период во кој полека сфаќаме дека живееме со вирусот. Има граѓани кои носат маски и почитуваат мерки, но мора да се промениме, тоа е основно во однос на спречувањето на ширењето на вирусот. “- изјави министерот за здравство, Венко Филипче на ТВ 24.
За училиштата е јасно дека нема да отворат, но градинките е можно да ги примат децата назад на почетокот на јуни, соопшти министерот Венко Филипче.




