Просветни инпектори денеска во Архитектонскиот факултет ја барале лиценцата на професорот Мирослав Грчев за овластен судски вештак. Ова за НОВА го потврди професорот Грчев кој смета дека власта повторно ги злоупотребува државните институции со цел да се направи негово инкриминирање.
-Добив известување од мојот матичен факултет дека Инспекторатот ја барал мојата лиценца за судско вештачење од областа на урбанизмот и јасно е во кое време доаѓа инспекцијата. Првиот пат беше кога го направив првичното стручно мислење за објектот „Комос“ пред неколку години, тоа беше мислење, бидејќи немаше судски процес, а сега откако го направивме и вештачењето инспекциите доаѓаат повторно. Очигледно е дека државниот апарат врши притисок врз факултетот, што е незконски, вели Грчев за НОВА.
Архитектонскиот факултет направи вештачење на рушењето на објектот „Космос“ на барање на Специјалното обвинителство за истрагата поврзана со овој случај наречена „ТНТ“.
СЈО ги сомничи екс-премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски дека незаконски нарачале рушење на објектот „Космос“ во Гази Баба во сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски.
Освен Груевски, Трајковски и Јанакиески, СЈО за незаконско рушење на Космос ги обвинува и градежната инспекторка од општина Гази Баба,која е првоосомничена и уште три лица од Комисијата за јавни набавки на општината.
Наредбата за уривање на објектот , како што тврди СЈО незаконски се реализирала преку општина Гази Баба, а причината била политичка одмазда бидејќи Фијат Цаноски, како претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ) ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
По укинувањето на аболицијата за Груевски, Јанакиески и Трајковски, СЈО побара Кривичниот суд да им одреди мерки на претпазливост, односно да им се одземат патните исправи, да имаат обврска се јавуваат во Судот или да им се одреди мерка домашен притвор. Судот ги одби нивните барања, а од СЈО најавија жалби.




