Саша Гајин, член на Работната група за изработка на законот за јавни медиумски сервиси во Србија, вели Радио-телевизија Србија и Радио-телевизија Војводина би можеле да го доживеат „грчкото сценарио“.
– Наместо да се оди на тоа јавниот сервис да се развива и да се направи поинтересен со содржини и информации, се прават напори јавниот сервис вештачки да се одржи во живот, па дури тоа да биде и на елементарно ниво. Од тоа елементарно ниво, не е тешко да се замисли дека јавниот сервис, РТС и РТВ, би можеле да ја доживеат судбината која можеби би наликувала на грчко сценарио, изјави Гајин за „Данас“.
Според неговите изјави, работната група барала одговор од надлежните зошто се откажува од претплатата, односно надоместот, но напоменува дека никогаш не добиле одговор.
За Гајин идеално решение би било претплатата да се вгради во законот.
Драган Коларевиќ од Министерството за култура во Србија, ги отфрли таквите тврдења.
Грчката Влада во јуни оваа година поради штедење, ја укина државната телевизија и радио ЕРТ.