Атина: Грчките острови се соочуваат со драматичен бран пожари, објави 4news.mk Поради сериозноста на ситуацијата, активиран е бројот за итни случаи 112, преку кој беа испратени пораки за евакуација до жителите и туристите во неколку населени места на Парос и Андрос. Критично е и на Калимнос, додека големиот пожар на Крит сè уште е надвор од контрола.
Големиот пожар на островот Крит, кој избувна јужно од градот Ретимно, веќе повеќе од 24 часа е целосно надвор од контрола. Генералниот секретар за цивилна заштита на Грција донесе одлука за прогласување вонредна состојба во траење од три месеци за подрачјето на општината Агиос Василиос, со цел да се забрзаат постапките за справување со штетите и итните потреби.
На терен се распоредени огромни сили:
224 пожарникари со 11 пешадиски тима,
53 возила, голем број волонтери и општински цистерни,
2 хеликоптери.
Силниот ветер дополнително ја отежнува ситуацијата и во моментов не дозволува вклучување на противпожарните авиони во гаснењето.
Андрос: Пожарот што гори ниска вегетација во западниот дел на островот принуди евакуација на две населени места. На терен се 25 пожарникари со пет возила, два пешадиски тима и еден хеликоптер.
Парос: Одново се разгорија жариштата од пожарот кој започна во вторникот во локална депонија, а потоа се прошири на ниската вегетација. Поради реална опасност, денеска беше наредена итна евакуација на две населени места.
Апсења на Парос: За овој пожар веќе се уапсени четири лица, меѓу кои се градоначалникот на островот и неговиот заменик.
Попладнево, поточно пред 15:30 часот, избувна пожар и на островот Калимнос. Во гаснењето веднаш се вклучија 15 пожарникари со три возила и три хеликоптери. Поради сериозноста на состојбата, најавено е пристигнување на дополнителни сили од соседниот остров Кос, откаде ќе се приклучат уште четворица пожарникари со две возила.




