Ако Томислав Кежаровски воопшто сторил откривање на идентитет на заштитен сведок, тоа го сторил за јавен интерес, додека самото откривање на идентитетот го направило службеното лице кои му ги соопштило информациите, изјави на денешната прес конференција на ГРОМ Оливер Ромевски.
„ГРОМ во основа не коментира судски одлуки, но пресудата за Томислав Кежаровски, мора да се коментира поради заштита на слободата на медиумите и поради угледот на правосудството и земјата“, рече Ромевски.
Од ГРОМ прашуваат дали судиите гледаат во какво друштво ќе биде Македонија по оваа пресуда.
„Според Комитетот за заштита на новинарите во 2012 година, глобално, во затвор се 232 новинари, од кои само еден во Европа (Италија), а другите во Иран (45), Еритреја (28) и т.н. Во кое друштво посакуваме да бидеме ние?“ праша Ромевски.
Според ГРОМ во прашање се угледот на правосудството и на земјата, бидејќи осудени новинари има Иран, Виетнам. Македонија не сака да биде во редот на тие земји.
Од ГРОМ му порачаа на правосудството под итно да ја преиспита пресудата за Томислав Кежаровски и во второстепена жалбена постапка, пред Апелациониот суд да обезбеди судење кое ќе ја гарантира слобода на медиумите.




