Грчкото обвинителство покренало обвинение против грчката компанија Актор која во Македонија го гради автопатот Демикр Капија – Смоквица за проневера на 50 милиони евра, објави 24 телевизија. Од ОЈО велат дека до нив стигнало известување од Европската канцеларија за борба против финансиски измами, кое потврдува дека постојат такви индиции против АКТОР.

„До овој момент има пристигнато само известување од Европската канцеларија за борба против финансиски измами (ОЛАФ) дека истрагата е завршена и дека постојат индиции за сторени кривични дела и резултатите од нивната истрага се доставени до надлежните органи на Република Грција, но истите не се доставени и до Република Македонија.“ – велат од обвинителството.

Во извештајот, ОЛАФ, заклучува дека имало нерегуларности во исплатата на одредени лица од 2012 до 2013, при што се отворил сомнеж дека тие пари не биле наменети за изведба на конкретниот проект.

„Одредени раководители на компанијата земале огромни плати во висина од 110.000 евра месечно, сума која е нереална за било која држава, особено за финансиските услови во Скопје.“ се наведува во извештајот на ОЛАФ.

Грчки Актор го доби тендерот за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица за сума од 270 милиони евра, иако нејзината понуда била за околу 40 милиони евра повисока од останатите понуди. Сомнежот за проневери го соопшти СДСМ уште пред три години, кога објави дека дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од 10 месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции.

„Бидејќи се работи за угледот на Македонија пред европските институции за пари што ќе ги враќаат македонските граѓани, го повикуваме Груевски да одговори на поставените прашања и да ги објасни поставените сомнежи.“, изјави Петре Шилегов.

Обвинителството покрена и истрага, но веќе три години нема епилог. Еден месец откако беше отворена предкривична постапка, обвинителот Зврлевски изјави дека сомнежот бил на најниско ниво, по што сметките на АКТОР беа одмрзнати и таа продолжи со работа.