Предлогот „Словенско-албанска Република Македонија“ не беше спомнат на состаноците на Ахмети на дипломатската турнеја која ја презема од Вашингтон се до Атина и сметаме дека се додека овој предлог не е поставен на маса официјално од страна на грчкото Министерство за надворешни работи или другите грчки институции, не треба да служи како алатка за дефокусирање на јавноста од вистинскиот предлог кој е поставен од Нимиц, а тоа е Горна Република Македонија, изјави шефот на кабинетот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Артан Груби.
Груби во изјавата за Радио Слободна Европа тврди дека за партијата предлогот „Словенско-албанска Македонија“ за кои одредени медиуми информираа дека бил ставен на маса на последната средба на преговарачите со медијаторот Метју Нимиц, е обид за дефокусирање на јавноста од дебатата за предлогот „Горна Република Македонија“.




