ВИДЕО: Прашање на прашање на Спасовски, СДСМ
– Ние не сме рекле ниту дека ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира Субрата Рој. Ние сме кажале дека компанијата покажа интерес, а самиот сопственик на компанијата рече дека ќе инвестира, рече премиерот Никола Груевски на собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање на пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ.
Спасовски претходно обвини дека индискиот бизнисмен добива третман од власта за кој домашните инвеститори може само да сонуваат, иако индискиот Врховен суд му го замрзна имотот и му забрани да ја напушта земјата.
„Во ликот на контроверзниот Субрата Рој видовте надеж за нови манипулации. Му дадовте земја за нула денари и други бенефиции за кои домашните инвеститори може само да сонуваат. Заедно со вашиот кум, министерот за финансии Ставрески, му приредувате спектакуларни фестивали. Разбирливо е, вие и Субрата Рој имате слични карактеристики и се служите скоро со исти методи и верувам дека поради тоа има добра комуникација со вас. Дополнително, пред неколку дена во Скопје можеше да се види како неговиот син со полициска придружба, како да е функционер од највисок ранг во Република Македонија, се пренесува од една од кафеаните, кафулињата, до хотелот каде што престојува“, рече Спасовски.
Груевски одговори дека Владата се однесува исто кон сите странски компании кои изразиле намера да инвестираат во земјава.
„Не знам, навистина не знам од каде ви е тој еден посебен однос кон само една таква компанија, со што ви смета и кои се причините за вака да се однесувате и да зборувате цело време за таа компанија. Дали таа ќе инвестира или нема да инвестира, времето ќе покаже. Ние не сме рекле ниту дека ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Ние сме кажале дека компанијата покажа интерес, а самиот сопственик на компанијата, јавно, во интервјуа кажа кој е неговиот интерес“, одговори Груевски.
Премиерот во дискусијата напомена дека СДСМ никогаш не учествувале на такви настани бидејќи во нивното време немало инвеститори, а Македонија се однесува одлично кон сите домашни и странски инвеститори и затоа ги прошируваат производствените погони.




