Премиерот Груевски според најавите, ќе и испрати писмо на Дуња Мијатовиќ, претставникот на ОБСЕ за медиуми, околу нејзиниот повик да биде ослободен новинарот Томислав Кежаровски, во кое ќе ја информира дека во Македонија извршната власт нема ингеренции над судската.
-Жал ми е за тоа што му се случува на новинарот Кежаровски и разбирам дека госпоѓата Мијатовиќ на некој начин е повикана да се интересира за тој случај, но во Македонија, како демократска држава каде што се почитува Уставот, има силна разграниченост меѓу извршната и судската власт. Извршната власт нема ингеренции во однос на судската, ние тука не би требало и не смееме да се мешаме.
Груевски, како што информираше денеска одговорајќи на новинарско прашање, возвратното писмо до Мијатовиќ го изготвил вчера и откако ќе го испрати, рече, комплетно ќе им биде достапно на медиумите.
Мијатовиќ пред два дена испрати писмо до премиерот Никола Груевски во кое продолжениот притвор на новинарот Томислав Кежаровски за уште 30 дена го оцени како неприфатлив и единствен случај во Европа.
“Затворање на новинари за нивните пишување не е прифатливо во едно демократско општество. Ова е единствениот случај во регионот на Западен Балкан, каде се држи еден новинар во затвор во очекување на судски процес. Јас сум загрижена поради неговото апсење и прекумерно долгиот притвор, како тие негативно влијание врз слободата на медиумите во вашата земја”, рече Мијатовиќ во писмото до Груевски.
ОБСЕ во соопштението потсети на ставот и на ОН, односно на Франк Ла Ру, Специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, кој рече:
“Како што кажав по мојата неодамнешна посета на земјата, Томислав Кежаровски треба да биде ослободен веднаш. Прекумерна мерки како што е неговиот продолжен притвор служат само да ги заплашат новинарите и длабоко да ја повредат независноста на медиумите. Демократиите никогаш не може да работат правилно кога критичките гласови се замолчени. “, соопшти Ла Ру.




