Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доби мандат да ја формира новата влада, согласно со резултатот од осмите парламентарни избори. Претседателот Ѓорге Иванов му го врачи мандатот во претседателската резиденција и Груевски најдоцна до 8 јуни треба да ги достави до Парламентот предлозите за министри и програмата за работа на неговиот кабинет.
Груевски четврти пат во изминатите осум години е во улога на мандатар. Неговата партија, на изборите на 27 април, освои 61 мандат или само еден помалку за апсолутно мнозинство во парламентот. Според Уставот, мандатот за формирање влада го добива партијата или партиите кои имаат мнозинство во законодавниот дом.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои се партнери во извршната власт од 2008 година – во два мандата досега, ги почнаа преговорите за обновување на коалицијата. Во наредните најмногу 20 дена тие треба да ги распределат министерствата, согласно со застапеноста на нивните партии во парламентот – каде што ДУИ има сега 19 претставници, и да ги договорат имињата на министрите.




