По средбата помеѓу специјалниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит и премиерот на Република Македонија Никола Груевски, Владата писмено се огласи за да ги соопшти поентите од разговорот воден помеѓу Ховит и Груевски.
-Премиерот Груевски истакна дека за државава е значајна поддршката која се добива од европските институции и воедно му се заблагодари на известувачот г-дин Ховит за посветеноста и ангажираноста на Европскиот Парламент во контекст на продолжување на напредокот. Премиерот Груевски потенцираше дека државата активно работи на подобрување на процесите и исполнување на нотираните забелешки во последниот извештај на Европската Комисија посочувајќи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. Премиерот Груевски го информираше г-динот Ховит и за активностите и мерките кои се превземаат на полето на економијата, инвестициските вложувања и поттикнување на трговската размена, известуваат од Владата.
-Г-динот Ричард Ховит го поздрави напредокот на Република Македонија, како и мерките кои се превземаат за исполнување на критериумите на планот на евроинтеграциите, изјавувајќи дека треба да се продолжи со нивната доследна имплементација следејќи ги препораките кои се добиваат за нивно ефикасно реализирање. Тој ја нагласи поддршката која Република Македонија ја има од Европскиот Парламент за надминување на предизвиците потенцирајќи дека е потребно да се искористат сите прилики кои би довеле до решение на единствената пречка за интегративните процеси на државата, спорот со името, велат од таму.




