Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов денес остро ги нападнаа  Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и опозицијата.

“Од почетокот на 2015 година до денес, ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се нападнати со специјални средства, а СДСМ ја има добиено улогата да одглумат вешт напаѓач. Слабо ја вршат таа улога. ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија, направи проценка на ситуацијата и изгради своја сопствена стратегија за одбрана и надминување на ситуацијата. Целите на стратегијата се, на прво место државата и нејзиниот интерес, како и интересот на народот, по цена за тоа да се жртвуваат одредени партиски или нечии лични интереси. Значи државата пред партијата – на дело”, рече Груевски.

Груевски, на денешното обраќање по повод 25-годишнината на УМС на млади сили на партијата, рече дека

СЈО е специјално средство на СДСМ против Владата, како и дека СЈО постои со намера за активно партиско дејствување.

Груевски во своите обвинувања рече дека поделбата на патриоти и предавници станала поделба на работници и неработници, а неработниците од опозицијата прават штети во економијата со вештачки наметната криза. И дека во наредните 4 или 10 месеци, како и да е, Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и политичка хајка.

И Иванов денес во интервју за “Дневник” го нападна СЈО:

“Недозволиво е да се користи СЈО за потребите на една политичка структура. Што е тоа освен селективно постапување? Од друга страна, и покрај дадените помилувања, СЈО имаше можност да конфискува имот што е стекнат на незаконит начин. Помилувањата не го опфаќаат тоа. Зошто за ниту еден имот за кој тие тврдат дека е стекнат на криминален начин не беше почната постапка за негова конфискација? Исто така, сегашните уцени од страна на опозицијата дека Уставниот суд морал да се произнесе за СЈО е токму израз на нивното сомневање во уставноста на таа институција. Зошто да се врши притисок врз Уставниот суд да се произнесе кога при носењето на законот за СЈО тие морале да внимаваат на неговата уставност. Ова обвинителство си има свои надлежности и нека си ја врши својата работа, а не да служи како инструмент за уцени, пресметка и селективна правда”, заклучува Иванов.

Иванов и во интервјуто повтори дека бил информиран дека се подготвувале немили сценарија во Македонија:

“Уште од почетокот на кризата нашите пријателски држави и нивните служби не известуваа за тоа што не очекува и што се подготвува. Оние што мислеа дека можат да направат насилни акти и активности што не се во согласност со Уставот и законите си ги потценија сопстената држава и нејзините институции и служби. Не само што сме перманентно извесуватни од партнерските служби туку и претседателите на неколку држави лично ми соопштија детали за сценаријата што се подготвувани за Македонија и за она што допрва не очекува”, вели Иванов.

На  Груевски му одговори СДСМ:

“Со денешните сценарија за „напади со специјални средства“ Груевски покажа дека тој стои зад срамното обраќање на лицето Ѓорге Иванов пред два дена.

Нападите врз СЈО го потврдуваат стравот кај Груевски од враќањето на правдата и докажува дека тој стои зад сите хајки против оваа независна институција”, вели СДСМ преку соопштение.