Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, попладнево во Брисел одржа средба со комесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе.
Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, на средбата што траеше околу едне час, Груевски и Филе ги размениле информациите околу последнито извештај на Еврокомисијата за нашата земја и следните предизвици за Македонија на евроинтегративниот пат.
Според првиот човек на македонската Влада, со Филе разговарале за повеќе детали, за повеќе серии, за повеќе случувања во односите на Македонија со ЕУ. Тој вели дека со еврокомесарот ќе продолжат да бидат во комуникација и дека се надеваат оти наскоро ќе продолжи и процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), со надеж дека ќе се најде решение како да се придвижат работите во правец на отпочнување на преговорите за членство.
– Тоа не е лесно прашање и не зависи од самиот Филе, туку зависи од друг, зависи од нашиот јужен сосед. Но, и на комесарот за проширување не му е сеедно што е ваква ситуацијата. Пет години по ред добиваме позитивни извештаи, пет години по ред добиваме препорака за почеток на преговорите од страна на Комисијата и пет години по ред Европскиот совет не е во можност таа препорака да ја преточи во преговори заради една земја-членка, односно нејзиното противење со нашето име на државата, на јазикот и на нацијата, додава Груевски.
Од Европската комисија за попладнево најавија дека ќе испратат соопштение за деталите од средбата Груевски-Филе.




