Република Македонија ќе ја задржи динамиката на реформите и фокусот на работа, имплементација на најдобрите практики и така ќе продолжи да се движи по патот кон членството во Европската унија. Тоа е патот одреден во изминатите 20 години кој има консензуална општествена поддршка истакна премиерот Никола Груевски на отворањето на Меѓународната конференција „Европа помеѓу вредностите и предизвиците“, што се одржува денеска во Министерството за надворешни работи, пренесе МИА.
– Заеднички, ќе продолжиме по тој пат се додека не се постигне посакуваната цел. Тоа значи дека Македонија е подготвена и натаму да учествува во спроведувањето на европските вредности и стандарди, во збогатувањето на европскиот модел на живеење и во заедничкото соочување со предизвиците на европската перспектива. Тоа чувство во Македонија и кај незините граѓани, секогаш било изразено дури и кога предизвиците на историјата понекогаш не биле на линијата на европските текови. Но, токму на тие предизвици од минатото, ние баравме и наоѓавме европски одговори – изјави премиерот Груевски.
Тој нагласи дека „ние сме Европа, ние и требаме на Европа, исто како што Европа ни треба нам.
– Во време кога ЕУ се соочува со големи предизвици и креира нов моментум за економска, политичка и финансиска интеграција, порача, политиката на проширување продолжува да биде основата на првичната идеја за Европа – мир, безбедност и просперитет на Европскиот континент. ЕУ, треба да продолжи со успешната приказна за проширувањето, а запирањето на тој процесот со земјите од Балканот би било погрешно. Тоа би било двоен неуспех за кредибилитетот на ЕУ и за трансформацијата на Балканот – рече Груевски.




