„Ја добивме довербата на народот на седум изборни циклуси по ред не затоа што сме ги решиле сите проблеми, туку затоа што постојано работиме, постојано сме на терен и знаеме дека напорите даваат резултати“, нагласи Никола Груевски, премиер и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, на синоќешната партиска трибина одржана во Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Подобрена е бизнис климата, постојано се покачуваат пензиите и исплатите за социјално загрозените, субвенциите за земјоделците, се подобруваат условите во здравството и образованието и во инфраструктурата.
Груевски потенцира дека Република Македонија останува посветена и на интеграциите во НАТО И ЕУ, но истовремено и на заштита на националните интереси.
Во однос на грижата за пензионерите, тој најави дека покрај зголемувањето од 5 отсто на пензиите во март следната година ќе продолжи и поевтинувањето на лековите, бесплатното лекување на пензионерите со просечни и потпросечни пензии, бесплатното бањско лекување. Зголемување од 5 отсто, најави, ќе има и кај примателите на социјална помош.
– Непосредно пред започнувањето на кризата ние се погриживме за предвремено раздолжување на државата од 40 отсто од БДП на 24 отсто така што кога во 2008-та започна кризата ние можевме да инвестираме во крупни проекти во градежништвото, а тоа е директно поврзано со уште 26 гранки. Ја намаливме стапката на невработеност од 38,7 проценти на 28,7, рече Груевски, додавајќи оти како партија и влада се посветени да им помогнат на бизнисмените и компниите и странски и домашни бидејќи тие доколку успешно работат ќе отворат нови работни места што е главна економска цел. Потсети дека голем дел од гринфилд инвестициите што дојдоа кај нас како Џонсон контрол, Џонсон Мети веќе отвораат и втора фабрика, а според Светската банка од 94 место сега сме на 23, според условите. Тоа значи дека сме пред сите земји од источна Европа и пред 21 земја членка на ЕУ за условите за бизнис.
Стратешка цел останува и членството во НАТО и ЕУ, но и заштита на државните и националните интереси.



