Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тврди дека СДСМ се труди да создаде перцепција оти со Избирачкиот список владее хаос, откако објавувањето на апликацијата за избирачкиот список и проверката на податоците предизвика лавина реакции во јавноста.
-СДСМ свесна дека ќе изгуби на изборите, тие тоа знаат како што знаат 80 отсто од граѓаните, ја користат ситуацијата да создадат перцепција за некаков хаос. Секој ден пуштаат по некоја куќа стан, тука овој живее – вака живее, со цел да создаде една перцепција да луѓето помислат дека има некаков хаос што е главната цел на СДСМ во овој период.
Тие од една страна глумат дека се подготвуваат за избори одат по градови, по села, од друга страна секојдневно се обидуваат на различен начин да создадат привид дека има некаков хаос во Избирачкиот список за кога ќе дојде време за изборите, односно распуштањето на Парламентот, или тоа да го измислат за причина да не излезат на избори, или ако излезат после изборите да прогласат дека се било нерегуларно, дека биле некредибилни, рече Груевски денеска.
Тој вели дека aдресите не гласаат, туку гласаат луѓе и според него досега нема забележано некој да злоупотреби адреса и да гласа на два места.
За првиот човек на владејачката партија, хаосот околу Избирачкиот список е валкана политичка игра на партијата СДСМ, која доколку сакала да изврши евиденција, тоа го можела преку досегашните 5 претседатели на ДИК на кои „не им пречел избирачкиот список“.
Од СДСМ пак, писмено реагираат дека Груевски со ваквиот став се брани за изборните криминали.
„Очајно Никола Груевски се брани за изборните криминали што ги спроведувало злосторничкото здружение со него на чело.
Хаосот во избирачкиот список, фантомските гласачи впишани на една адреса биле привид за Никола Груевски.
Привиденијата на Никола Груевски всушност го покажуваат огромниот страв од соочување со одговорноста за сите изборни измами, за сите изборни грабежи.“ се вели во партиската реакција.
Објавувањето на апликацијата за избирачкиот список и проверката на податоците предизвика бурни реакции во јавноста. Неофицијално, до ДИК досега преку подрачните единици пристигнале над 2000 пријави за недоследности.
Во моментов тече јавната седница на која Државната изборна комисија ги разгледува примените известувања од граѓаните кои се однесуваат на сомнителни записи во електронскиот Избирачки список.
Граѓаните досега пријавиле дека на списокот се наоѓаат лица кои не се државјани на Република Македонија, кои не поседуваат важечка лична карта или патна исправа, не се полнолетни, кои се на привремена работа или престој во странство, со последно живеалиште на дадената адреса, кои живеат на друга адреса на територијата на Република Македонија, а претходно имало живеалиште на дадената адреса, не живеат на територијата на Република Македонија, не живеат на оваа адреса, а нема податок дали имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, или се работи за лица со одземена деловната способност или лицата се починати.
Од СДСМ вчера објавија посебен телефонски број за пријавување на нерегуларностите.
Граѓаните можат да пријават нерегуларности на директниот телефонски број: 02/ 3293-109. Потоа, како што соопштија од СДСМ, правниот тим на партијата ќе ги проследи овие пријави во соодветна законска форма до Државната изборна комисија.




