Осудениот поранешен премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во интервју за ТВ Сител изјави дека од Македонија си заминал многу едноставно.
-Од Македонија заминав многу едноставно, заминав во Албанија, се пријавив во Унгарската амбасада во Албанија, и од таму дојдов во Унгарија – рече Груевски одговарајќи на прашањето „како избегавте од Македонија“.
Запрашан од новинарката, дали власта му помогнала при бегството, тој со насмевка вели дека власта не му помогнала, и дека кога би можела би му направила нешто друго, а не да му помага.
Груевски рече дека бил подготвен да оди во затвор, но оти во последен момент ја сменил одлуката затоа што добил информации кои укажувале на веројатно планирана негова ликвидација во затворот.
– Најпрвин бев со намера доколку власта оди до крај, а се гледаше дека ќе оди до крај, бев со намера да влезам во затвор иако неправедно бев политички прогонуван, иако со тотално луди пресуди кои немат никаква правна основа, но во последните денови добив одредени информации кои укажуваа на веројатно планирана моја ликвидација во затворот, рече Груевски, во прво интервју за макеоднски медиум по бегството од Македонија во ноември лани.
Информациите за негова ликвидација, како што наведе, ги добил „од добро информирани лица од внатре, но не може јавно да каже кој стои зад ликвидацијата од причина што не можел во моментов да го докаже.
– Не можам да го кажам тоа јавно од причина што не можам во моментов да го докажам. За да обвините некого треба да имате цврсти докази, но имав сигурни сознанија од сигурни лица, така што ја променив одлуката и одлучив да заминам од Македонија и да побарам азил заради политички прогон, рече Груевски.




